1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тереза Меј: Најлоша премиерка на сите времиња?

Барбара Везел
7 јуни 2019

Тереза Меј се повлекува од водечкото место во партијата. Збогувањето за премиерката е горко, бидејќи не остава политичко наследство. Наместо тоа, Велика Британија е длабоко поделена.

https://p.dw.com/p/3K0D0
Belgien, Brüssel: Theresa May
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Vitvitsky

Политичките реакции по крајот на мандатот на Тереза Меј се кисели како оцет. Дали е најлошата премиерка од крајот на 18 век, кога Лорд Норт не ја спречи независноста на американските колонии? Или откако Невил Чемберлејн во 1930-те ја згреши политиката во однос на Хитлер? Историчарите уште не си го кажале своето, но критичарите на Меј сметаат дека нејзиното владеење е негативен период.

Повеќе: Тереза Меј - збогување со солзи

На почеток е надежта

На партискиот конгрес во 2002. Тереза Меј, која во тоа време беше генерален секретар, ги шокираше Конзервативците со својот говор. „Знаете како нѐ нарекуваат некои луѓе? Префриганата партија!“ Тоа беше по повторниот пораз од Лабуристите под водство на Тони Блер и беше сфатено како освежувачка доза искреност. Оттогаш Меј важеше за реформатор кој Ториевците може да ги ослободи од имиџот на грда заостанатост на една партија која е фиксирана на дополнително богатење на богатите и одржување на власт на британската елита.

Кога во 2016. стана премиерка по референдумот за Брегзит и откако Борис Џонсон и Мајкл Гоув со предавството си ги прокоцкаа шансите, Меј изгледаше како единствена дорасната на задачата меѓу куп непресметливи.

Со својот говор по преземањето на должноста таа ја потхрани таквата надеж. Таа наведе серија „горливи неправди", како на пример тоа дека сиромашните во просек умираат девет години порано и дека правосудните органи се построги спрема црнците, дека децата од работнички фамилии имаат помали шанси да студираат и тоа дека жените заработуваат помалку од мажите на иста позиција. Таа сакала од Велика Британија да направи земја која ќе функционира за доброто на сите. Се чинеше дека во Даунинг Стрит се вселил социјален реформатор.

England Theresa May unterschreibt Brexit-Antrag
Тереза Меј во март 2017 година го потпишува барањето за БрегзитФотографија: REUTERS/C. Furlong

„Чист“ Брегзит 

Она што Меј се чини сосема го потцени е деструктивната сила на Брегзитот. За да се одржи во партијата Меј многу рано попушти пред барањата на антиевропските хардлајнери. Во јануари 2017-та, уште пред да започнат преговорите со ЕУ, Тереза Меј ги повлече своите црвени линии, со кои всушност го создаде проблемот со ирската граница и направи да биде невозможно да има заемно усогласена и поповолна делба од Европа. Серија недипломатски и неинформирани Брегзит-министри придонесоа речиси двегодишните преговори да станат тест за нервите.

Меј уште повеќе ја продлабочи бездната со тоа што многу рано се определи за „чист" Брегзит и „тврда“ разделба од ЕУ. Упорно се држеше на своите црвени линии кои ги отсликуваа ставовите особено на хардлајнерите во нејзината партија. Колку потешки стануваа разговорите со Брисел, толку повеќе Меј се вкопуваше во своите ровови.

ПовеќеЕУ го презема кормилото за Брегзит

Премиерката притоа заборави дека застапува став само на едно малцинство во земјата и парламентот. Речиси две години таа не успеа да постигне компромис со опозициските Лабуристи и шкотската СНП. На тоа почна да работи оваа пролет, кога веќе беше предоцна.

Лошиот крај веќе им е познат на сите, од јануари до крајот на март Долниот дом трипати гласаше против договорот за истапување од ЕУ. Конзервативните Брегзитери гласаа против заради компромисот за ирската граница, а опозицијата бидејќи не сакала да поддржи „лош Ториевски Брегзит". Ниту еден премиер пред Тереза Меј нема претрпено таков пораз. Меј сепак размислуваше и за четврти обид да го протне договорот, но мораше да сфати дека нејзината ситуација е безизлезна и дека не ѝ преостанува ништо друго освен да се повлече.

Großbritannien Parteitag Conservative Party | tanzende Theresa May, Premierministerin
На партискиот конгрес на Ториевците во октомври 2018-та, Меј сѐ уште беше расположена за мал танцФотографија: Getty Images/J.J. Mitchell

Три години застој

На листата неисполнети ветувања на Тереза Меј не е само Брегзит. Фокусирањето на оваа политичка цел доведе до целосна парализа на останатите политички текови. Од зголемен број убиства поради напади со нож до катастрофалниот пожар во Гринфел Тауер – на ниту една од многуте кризи, Тереза не најде политички или правен одговор. Драматичниот дефицит од станови, неуспешна реформа на социјалната помош или зголемениот број самоубиства меѓу младите завршија само на насловните страници, но немаше политичка реакција, ниту разврска.

Законодавниот ќорсокак беше толку лош, што во март размислувањата за отворање на нова парламентарна година пропаднаа поради недостаток на доволен број предлог проекти. Целта беше, пропаднатиот договор за Брегзит повторно да се врати на маса, но кралицата мораше да одржи кралско обраќање на отворањето на новиот парламентарен период. И немаше закони кои таа можеше да ги најави.

Тереза Меј на крајот од мандатот мораше да сфати дека не успеа. Читајќи ги коментарите ден по нејзиното најавено повлекување, веројатно повторно се расплакала. Најдобра оценка беше дека „многу се намачила". Нема храбра социјална реформа, нема револуционерна законска иницијатива со нејзин потпис, а Брегзитот ќе остане на нејзиниот наследник. За да успее со Брегзитот мора „да најде консензус во парламентот, каде што таа не можеше", рече Меј во нејзиниот проштален говор на Даунинг стрит. „Таков консензус може да се постигне само ако се сите страни подговени за компромис". Тоа беше пред сѐ порака за нејзините Ториевци, но звучеше како горка иронија на своја сметка.

Brexit - Theresa May und Boris Johnson
Тереза Меј и Борис ЏонсонФотографија: picture-alliance/L. Neal

Тепачка за наследник

Пред и официјално да биде отворена трката за наследник, во конзервативната партија има веќе тринаесет кандидати за премиерското место. Вистинска гужва пред гол. Кандидатите или ги немаат потребните политички вештини или пак страдаат од прекумерна самодоверба – во секој случај се парламентарци од втор ред.

Борис Џонсон во моментов се чини е кандидат со најмногу шанси, и покрај неуспесите и глупостите за време на неговиот мандат како министер за надворешни работи. Многу партиски поддржувачи сепак се потпираат на неговата способност со умешна реторика да го „продаде“ Брегзит заедно со последиците од него. Освен тоа, Џонсон важи за единствениот кој може на избори да го порази лидерот на опозицијата Џереми Корбин, како и Брегзит-популистот Најџел Фараж. Тој веќе го прогласи 31 октомври како конечен датум за Брегзит, со или без договор со ЕУ. Од една страна со тоа тврд Брегзит е сѐ поизвесен, но од друга страна Борис Џонсон нема проблем да си го смени мислењето.