1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тетово - позагадено и од Пекинг!

Б. Георгиевски/фр/фцц/велт15 јануари 2016

Весникот „Франкфуртер Рундшау“ открива дека најзагадените градови на светот не се во Кина, туку на Балканот. Најдобар пример за тоа е Тетово кое го надминува и Пекинг по загаденост.

https://p.dw.com/p/1HeFd
Фотографија: DW/S. Toevski

„Полош воздух и од Кина“ - под овој наслов „Франкфуртер Рундшау“ објавува репортажа од Македонија и Босна и Херцеговина, во која се наведува дека спротивно на распространетото мислење, најзагадениот воздух не е во Кина, туку на Балканот.

„Сликите на минувачи со маски на лицата и затворените училишта на Пекинг му ја донесоа титулата 'светски првак во загаденост'. Тоа е неправедно: проблематичната слава не ѝ припаѓа на кинеската метропола, туку на малку познатото Тетово“, пишува „Франкфуртер Рундшау“.

„Во петтиот по големина град во Македонија загаденоста со штетни честички во празничните денови достигна 996 микрограма на метар кубен- 20 пати повеќе од дозволената граница на ЕУ и 20 микгрорама повеќе од кинескиот главен град.

И во затворањето на училиштата Тетово е пред Пекинг: цели осум дена во декември децата мораа да останат дома поради смогот. И не само Тетово, туку и други градови во југоисточна Европа во битката за најзагаден град ги надминуваат азиските мегаградови. Во Босна тоа се индустриските центри Тузла и Зеница, но и од планини опколениот главен град Сараево. Во Македонија, покрај Тетово, најпогоден е и главниот град Скопје.

Од штетните честички најприсутен е сулфур-диоксидот. Отровниот гас доаѓа од електраните и од евтиниот јаглен - кој најчесто се продава на црно и особено е баран меѓу сиромашните слоеви. Но и оние кои имаат пари не ги инвестираат во топлинска изолација или топлотни тела со енергетска ефикасност, туку во автомобили. Од тоа најмногу страда воздухот: 'Кај нас во Тетово бројот на автомобили од 2011 година се искачи од 22 илјади на 40 илјади', вели градоначалничката на Тетово, Теута Арифи“, пишува весникот.

И во Сараево и во Тетово во меѓувреме се преземаат мерки за намалување на загаденоста, наведува Франкфуртер Рундшау.

„(...) Градските власти во Тетово сега се обидуваат со специјални служби да го намалат проблемот со паркингот во градот, но и да го подобрат јавниот превоз. Со цистерни по улиците се прска специјална мешавина од варовник и оцетна киселина кои ги врзуваат отровните честички. (...) Но не сите мерки даваат добри резултати. Со намалените субвенции за струја и енергија потрошувачите во Македонија требаше да се научат повеќе да ги штедат ресурсите. Но тоа ја влоши состојбата: во Тетово зголемените цени на струјата доведоа до тоа луѓето да се греат на дрва и отпад“.

Indonesien Bombenanschläge in Jakarta Polizei fahndet nach Terroristen
Полиција во ЏакартаФотографија: picture-alliance/AA/A. Rudianto

Тероризам во Индонезија

За водечките германските дневни весници главна светска тема денеска се терористичките напади од 14 јануари во Џакарта, Индонезија, во кои загинаа седум лица, вклучително и напаѓачите и улогата на „Исламска држава“ во нив.

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ забележува дека „во овој случај се јавија нападно многу информации за сторителите и нивните врски, информации кои властите ги објавија во јавноста речиси непосредно по нападите. Доколку не се работи за маневар за одвраќање на вниманието, тоа укажува дека на глобалниот тероризам сѐ посилно му се спротивставува глобална сила преку службите за безбедност кои тесно соработуваат. Покрај сета трагедија и тага, тоа дава повод и за тивка надеж“.

Весникот Велт“ прашува: „Зошто Индонезија?“ и одговара: „Затоа што тоа е најголемата муслиманска држава во светот со околу 250 милиони жители“. Терористичката организација Исламска држава, сега бара 'помеки' цели. Истанбул, каде вмешаноста на ИД сѐ уште не е јасна, и сега Џакарта, -тоа е извоз на терор со помош на фанатици чија цел е да создадат што поголема паника. Индонезија на повеќе начини е цел која се исплаќа за терористите и сличните убијци. Филијала на ИД во југоисточна Азија - тоа би бил голем пропаганден успех. Но, самонаречените божји воини не треба да се залажуваат. И Индонезија умее да се брани“.