Тито Петковски ќе се жали на суд, во ОБСЕ и во ЕК
16 јули 2013Петковски најави дека за случајот ќе ги извести претставништвото на ОБСЕ во Македонија, како и амбасадорот на Европската комисија. Тој на денешната (16.07) прес-конференција рече дека спорот не би го изгубил доколку судот одлучувал независно. За Петковски пресудата претставува потврда за силното влијание на извршната врз судската власт.
„Спорот немаше да го изгубам ако се применуваа законските акти. Овој судија се потресе кога го виде премиерот, односно тој што тужи. Ако го прочитал и разгледал законот немаше шанса да изрече надомест на штета“, рече Тито Петковски.
Тој забележува и на брзината на донесувањето на пресудата, посочувајќи дека на 2-ри овој месец е одржано првото рочиште, главната расправа на 11-ти, а пресудата беше соопштена два дена подоцна. Ваквата пресуда за опозициската СДСМ е очекувана.
„Клучното прашање е зошто судијата не дозволил вештачење за ’душевната болка’ на премиерот Груевски и зошто сите предлози за изведување на докази од страна на одбраната на Петковски судот ги отфрлил? Значи ли тоа дека судиите во Македонија во исто време стануваат и вештаци или само зборот на Груевски е доволен за пресуда?“, се вели во писмената реакција на СДСМ.
Партијата констатира дека пресудата е изречена на ден пред започнување на годишните одмори на судовите, што според СДСМ било очигледно дека на судот му било многу важно итно да пресуди во полза на душевната болка на премиерот Никола Груевски.
„Во македонското судство ништо не се менува. Хајката и одмаздата на власта против политичките неистомисленици наместо да запре, се верификува преку судски одлуки со скандалозни постапки“ пишува во реакцијата на СДСМ.