„ТНТ“ од СЈО за аболицираниот Груевски
21 април 2016Поранешниот премиер Никола Груевски е осомничен од страна на Специјалното јавно обвинителство како нарачател на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот и политичар Фиат Цаноски. Целта на рушењето на „Космос“ била одмазда врз Цаноски поради тоа што ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и ѝ се приклучил на опозициската коалиција на СДСМ, соопшти денеска специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи. Поради аболицијата која ја прогласи претседателот Ѓорге Иванов, против Груевски и другите функционери опфатени во случајот не е донесена наредба почнување истрага. Ќе одговара само инспекторката која ја извршила наредбата за уривање на „Космос“.
„Аболицирани политичари најгрубо и со умисла, зпоупотребувајќи ја службената положба, од одмазднички причини нанеле огромна штета со уривање станбено деловен комплекс. (...) Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и други лица, заеднички со цел да му се одмаздат на Цаноски, искористувајќи ја нивната политичка моќ го принудиле градоначалникот на општина Гази Баба да најде начин незаконски да го сруши објектот на Цаноски“, изјави Фетаи.
Според СЈО, се работи за „криминална спрега на релација централна- локална власт која функционирала многу ефикасно за задоволување на желбите на нарачателот, аболицираниот поранешен премиер на Република Македонија“. И вештачењето на Архитектонскиот факултет покажала дека рушењето на објектот на Цаноски било незаконско.
СЈО презентираше и серија фотографии од СМС преписки меѓу државните и општински функционери на ВМРО-ДПМНЕ во кои детално се опишува целиот процес на организирањето на акцијата за уривање на објектот на Цаноски.
„Не постои совршено злосторство“, рече на крајот Фетаи.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева претходно соопшти дека „Случајот ТНТ“ е очигледен пример за класична злоупотреба на институциите во лични или партиски цели.
Тимот на СЈО денеска преку Фетаи испрати и заедничка порака до јавноста во која порачаа дека не ги плашат заканите.
„До сите оние кои нечесно ја подриваат работата на СЈО, се закануваат кон припадниците на СЈО, кон нивните семејства и пријатели. Тоа се лица на кои правдата не им е во интерес и на кукавички начин сакаат да се спасат од неа. Правдата ќе го стигне секој кој се огрешил пред законот. Сите граѓани се еднакви.
Ви ветуваме дека несебично ќе се бориме за правда. Правдата е врвен интерес на РМ, а не неказнивноста“, порачува СЈО.