Тоа не беше дуел
4 септември 2017Тоа не беше дуел. Уште помалку размена на удари. Таканаречениот ТВ дуел на најголемите германски телевизии, петти по ред, веројатно беше најслабиот од премиерата во 2002 година. И покажа многу за германската политика, како и за германските телевизии.
Заедно, а не спротивставени
Канцеларката Ангела Меркел застана наспроти (или поточно до) својот социјалдемократски ривал Мартин Шулц. Тоа беше тв дебата на двајца политичари чии партии заеднички владејат со Германија во последните четири години, со четворица новинари, додека јавноста беше принудена да слуша и гледа.
И покрај растот на германската економија, социјалната состојба е незадоволителна. Сепак, гледајќи ја неделната дебата, ќе помислите дека тоа не е случај, затоа што темата речиси не беше спомената во дебатата која траеше 97 минути. Тешкотиите со кои се соочуваат многу семејства, предизвиците (и шансите) од дигитализацијата и технологијата, глобализацијата на работните места и образованието- теми кои не заслужија ниту збор.
Наместо тоа, делуваше како да сме се вратиле во 2015 година, затоа што дебатата се фокусираше на бегалците и интеграцијата на мигрантите. Секако, политичарите мора да се соочаат со гневот кој се јави во последните две години, во градовите, како и во руралните средини. Но уште еднаш, популизмот успешно ги надмина трудољубивоста и професионалноста на политичката професија.
Сепак, имаше некои вредни надворешно-политички поенти. И двајцата кандидати најавија промена на политиката кон Турција: нема веќе преговори за проширување на царинската унија и нема повеќе разговори за членство во ЕУ. СПД долго сакаше да ја задржи опцијата за членство отворена, додека конзервативните партии се обидуваа тоа да го спречат. И соочени со автократот во Анкара, кој се чини зема германски заложници како ќе му текне, германската политика кон Турција сега доживува тектонска промена.
Второ, околу актуелната криза со Северна Кореја, Меркел беше во можност да се повика на нејзиното државничко искуство и да ги наброи разговорите со Москва, Пекинг, Токио, Сеул и Вашингтон.
Трето, и Меркел и Шулц се согласија дека Катар не е погодна земја за одржување на Светското првенство во фудбал во 2022 година. Ретко е да се слушне политичар, уште поретко двајца, кои толку директно го кажуваат тоа. Да го запаметиме тоа кога државните лидери следниот пат ќе патуваат во земјите од Заливот со својата свита трговски претставници.
Нема потреба од широка коалиција
Доколку 97-минутната дебата нешто покажа, тоа е дека на Германија не и е потребна уште една широка коалиција. Ве молам, доста беше. Двете партии предолго го окупираат Бундестагот.
Притоа, во неделата стана јасно видливо дека двајцата веќе не се поднесуваат меѓусебно. Ја знаат секоја мана на противникот. На демократијата и е потребна силна влада, но и силна опозиција. Недостасува дебата со силна опозиција. Од 2005 година, телевизиските дебати станаа уникатни спектакли на секои сојузни избори. Подобро е вака. Германскиот систем е испробана и тестирана парламентарна демократија, а не претседателска демократија. Германскиот систем се фокусира врз мноштво партии, а не врз челникот на владата. На парламентарната демократија и е потребна силна политика и глас на опозицијата. Во неделата вечер, ги видовме токму овие нешта, додека десетици милиони Германци сето тоа го следеа.