Тодор и Ванче
7 мај 2022Нашиот таен агент Ашенден овие две недели забрзано ни испраќа каблограми за конфузијата што се случува во ВМРО-ДПМНЕ. Тие каблограми не се поврзани со сегашната најава за таканаречената активна блокада на Собранието и навестувањата дека ќе имало и други порадикални чекори доколку власта не ги прифати барањата на опозицијата за одредување датум за предвремени избори. Тие каблограми се за нешта длабоко во историјата од пред сто години, кои можат многу да го оштетат кодот и митот за организацијата. А за сета конфузија биле виновни Бугарите кои нагрнаа во Битола да го присвојат Ванчо Михајлов како дел од историското наследство на организацијата, која тогаш беше означена како терористичка.
Ашенден ни јавува дека набрзина бил стокмен стратегиски план како ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцира од Михајлов – Ванче или Радко, како што го нарекуваа, откако долги години се обидуваа да го култивираат него и неговото дело како наследство на македонската револуционерна борба. Дел од тој стратегиски план наводно бил и настапот на пратеничката Рашела Мизрахи во Собранието, која го нарече Михајлов „узурпатор на ВМРО“.
Но според нашиот таен агент, проблемот не бил толку многу до Ванчо Михајлов, затоа што речиси сите во Македонија знаат колку се окрвавени неговите раце во стотиците, ако не и илјадниците убиства на Македонците главно во Софија и Пиринска Македонија во 20-тите и 30-тите години на минатиот век. Главниот проблем е што преку Михајлов се доаѓа до главниот тотем на организацијата и сегашната партија – Тодор Александров. Клучното прашање било – како ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцира од Александров, а сепак да остане нејзина икона. Една од задачите му припаднала на Марјан Ѓорчев, кој во интервју кај Васко Ефтов тврдеше дека и Михајлов и Александров се контроверзни фигури кои, сепак, му нанеле штета на револуционерното дело.
Идеолошки пресврт
Изгледа дека немало подобар човек да го направи овој идеолошки пресврт од самиот Марјан Ѓорчев, нѐ извесува Ашенден, затоа што тој како градоначалник на Општина Кисела Вода, на едно од нејзините најзнаменити места, прочуената Чешма, во јуни 2012 година, го постави петметарскиот споменик на Тодор Александров, тогаш крстен како „Незнаен војвода на коњ“. Четири месеци подоцна, кога малку стивна вревата, на споменикот беше поставена табла на која и официјално пишуваше „Тодор Александров“. Некако во исто време и мостот близнак на Вардар во Скопје беше именуван „Тодор Александров“. Ѓорчев тогаш тврдеше дека лично е голем почитувач на делото на Александров. Неговата рехабилитација изгледаше дека е завршена. Додека не се вмешаа Бугарите, овдешните и бугарските, во Битола. Сега таа географска рехабилитација треба да се повлече и да се вадат врелите костени од жарта. А прстите, горат ли горат.
-други колумни од авторот: Што објави „Њујорк тајмс“ за ослободувањето на Пиринска Македонија од Ванчо Михајлов
За да се дојде до некое поголемо парче од мозаикот за вистинската вистина околу тоа што работеле овие двајца, Ашенден јавува дека во горскиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се сетиле оти пред 7-8 години „Утрински весник“ овјавуваше еден извонреден фељтон наречен „ВМРО во архивите на ‘Њујорк тајмс’“. Пред сто години њујоршкиот весник објавуваше повеќе текстови во една година за Македонија и Македонците отколку сега за 10 години. Тоа не беа научни историски книги, туку новинарски текстови и анализи на дневните настани. Во нив има и грешки, но и зачудувачко познавање на длабочината на проблемот и особините на некои од македонските револуционери. Во нив како и денес се покажува еден од главните адути на американскиот журнализам – грижата за деталите.
Бидејќи дигиталната архива на „Утрински“ веќе ја нема, се изгуби во хаосот на затворањето на весникот на што му кумуваше токму ВМРО-ДПМНЕ, штабот решил да плати за да влезе во архивите на „Њујорк тајмс“. Но тоа е макотрпна работа, а требаат брзи податоци. Сепак, некои текстови од тие архиви се појавија на компјутерите и во нив имаше работи по кои началството на ВМРО-ДПМНЕ останало со подзинати усти. На пример, деталната сторија за тоа како бил убиен Тодор Александров. Па, нивната икона одела пеш (а не на коњ, како во Кисела Вода) од планина до планина за да стигне на состанок на Серскиот округ кога бил убиен во прилично нехеројска поза, како спие завиткан во ќебе покрај некои дрва.
Ашенден во каблограмот ни пишува дека началството се собрало околу некоја маса и речиси без здив го слушало читањето на големиот текст на дописникот на „Њујорк тајмс“, Волтер Литлфилд од 5 октомври 1924 за новите детали зошто е убиен Александров. Тоа речиси и да наликувало на литературен кружок. Се разбира, Ашенден, не ни го пренесува целиот тој текст, но ни кажува дека некои од присутните грицкале нокти, кога слушале за драмата која била убиство, како и на многу Македонци во тоа време.
Што пишува во тој текст:
„Сѐ до пристигнувањето на документите од Бугарија во Њујорк постоеше несфатлива мистерија околу убиството на остриот лидер на македонската револуционерна организација, Тодор Александров, и на подоцнежното убиство на деветмина други, кои се сметаа за одговорни за наредбата за смрт на лидерот на 31 август... До 15 септември главно се претпоставуваше дека македонскиот лидер ја поврзал својата кауза со онаа на Советите; неколку недели претходно беше објавено дека Алеко Паша и неговите пријатели се идентификувале со добро осмислената болшевичка револиција во Бугарија од докумените откриени од страна на бугарската полиција во рација во едно планинско село на 48 километри североисточно од Софија...
И сега преку преписките целата мистерија е разјаснета: Тодор Александров е убиен поради тоа што одбил неговата македонска организација да се приклучи на болшевичкото востание... Кореспонденцијата, извлечена од документите оставени од убиениот македонски лидер, целосно ја рехабилитираа неговата личност како патриот целосно ослободен од заразата од Москва“.
Наводно, имало гласни извици во стилот – ВМРО никогаш не било со Москва, но подоцна лицата се смрачиле кога бил читан друг текст од 9 ноември 1924 (исто така многу голем) со наслов „Бугарските убијци се разоткриени“ за деталите од убиството на Александров и зошто тоа било чувано во тајност.
Во него пишува:
„Вечерта на 30 август Тодор Александров заедно со Александар Протоѓеров тргнале да учествуваат на конференцијата свикана од револуционерниот округ Сер, во кој Алеко Василев (Пашата) и Георги Атанасов биле претседател и заменик секретар. Тие дознале дека двајцата биле во комуникација со рускиот агент Хаџи Димов, а главната цел на конференцијата била да се преземат првите чекори кон прогласување на советска република на 15 септември. Ги придружувал само еден човек, Панзо Зафиров.
-други колумни од авторот: Либерализам против популизам – 2:0
Кога тргнале пеш по планината, во чии длабочини требало да се одржи конференцијата следниот ден, тројцата ги пресретнале Штерјо Влахов и Данчо Вретенаров, комити на Василев и Атанасов. Четворицата логорувале заено, а Зафиров чувал стража. Следниот ден, 31 август, в зори продолжиле со маршот во планините. Околу 15,30 часот двајцата водичи побарале да запрат заради одмор. Додека Протоѓеров отишол по вода на извор, Александров и Зафиров се испруќиле на земја, се завиткале во ќебе лежејќи настрана и заспале. Водичите чувале стража.
Протоѓеров, кој бил на изворот, вели дека слушнал два истрела кои звучеле речиси како еден. Тој побрзал назад и ги пронашол Александров и Зафиров мртви, двајцата убиени од грб. Влахов и Вретенаров побегнале. Потоа Протоѓеров побрзал сам на конференција и им раскажал што се случило и се вели дека изразиле големо жалење за смртта на лидерот. И покрај тоа, тие предложиле конфренцијата да продолжи со работата за прогласување советска република. Протоѓеров силно се спротивставил на тоа...
Врховниот суд на организацијата ја чувал смртта во тајност и изрекол казна за виновниците на 12 септември и задолжил извршители тоа да биде спроведено. Откако биле убиени Василев и Атанасов во Горна Џумаја, Централниот комитет на 13 септември издал коминике кое го потпишал Протоѓеров. Тоа стигнало во Софија на 15 септември, на кое 24 часа порано му претходела веста за убиствата во Горна Џумаја. Потоа следело извршувањето на другите казни во Софија.
Иако цело време било очигледно дека бугарската влада на премиерот Цанков не може да го прогласи Александров за национален херој и од тие причини нејзините органи само ги препечатиле пофалбите кои се појавувале во весниците на опозицијата, сепак, цела Бугарија се чини дека паднала во национална, иако неофицијална, жалост цела недела по 15 септември. Во црквите се одржувале служби, а големи толпи луѓе се собирале да ги слушаат меморијалните обраќања. ‘Ла Маседоан’ пишува за поворка составена од 40.000 луѓе – една третина од населението на Софија – како се пробивала во достоинствен ред до споменикот на бугарскиот патриот Васил Левски“.
На насобраните во литературниот кружок не им изгледале верни овие реченици од текстот на „Њујорк тајмс“ – па Тодор Александров бил третиран како голем бугарски национален херој уште тогаш.
Заедничко општество на убиства
Во началството се читале уште неколку текстови кои успеале да ги пронајдат во архивите. Првиот од 9 јули 1928 за убиството на Александар Протоѓеров. „Њујорк тајмс“ напишал: „Долгата и крвава војна меѓу македонските револуционерни организации, автономистите и федералистите ја достигна својата кулминација минатата ноќ во Софија кога генерал Протоѓеров, кој може да биде означен како автономист од старата гарда, беше убиен заедно со придружникот на прометна улица во центарот на градот. Нападот беше ненадеен и добро подготвен, така што нема ништо што може да доведе до идентитетот на напаѓачите...
Како што нејзиното име отворено кажува, организацијата има револуционерна природа и нејзината цел е да создаде автономна Македонија во рамките на бугарската држава и оттука е поврзувана, ако не и охрабрувана од бугарската влада. На другата страна се федералистите, кои, исто така, се револуционерни, чија цел е формирање на Македонија како независна држава во федерација на сите балкански држави.
-други колумни од авторот: Што навистина сака Бугарија
Двете групи заедно формираа она што може да се означи како заедничко општество на убиства; убиствата станаа нивен омилен метод на процедурата. Проѓеров умре онака како што живееше, со насилство“.
Во меѓувреме, на страниците на „Њујорк тајмс“ се појавува и Ванчо Михајлов, како во текстот од 19 август 1928. „Изјавата дадена од Иван Михајлов, извршен шеф на ВМРО, фрла сенка на убиството на генерал Александар Протоѓеров. Во изјавата датирана од 20 јули се вели дека убиството е ‘егзекуција’ наредена во согласност со одлуката на последниот револуционерен конгрес да се казнат сите вклучени во убиството на поранешниот шеф Тодор Александров. На следниот конгрес одржан на 29 јули Михајлов ја правдал ‘егзекуцијата’, велејќи дека тоа е логичен исход на грешките од минатото. Делегатите ги прифатија неговите објаснувања“.
По ова, како што јавува нашиот таен агент Ашенден, во литературниот кружок на началството исчезнала љубопитноста да ги слушаат текстовите на „Њујорк тајмс“. Ако „грешките од минатото“ се исправаат со егзекуции тогаш на каква традиција да се повикуваат – на убиства како метод на функционирање?
Имало уште неколку куси отпечатени текстови за бегството на Михајлов од Бугарија кога во 1934 година ВМРО беше забранета од бугарската влада. Останале само два-тројца да прочитаат што пишува во нив. Во првиот од 14 септември 1934 се вели дека „познатиот македонски лидер Иван Михајлов ненадејно брзо ја премина границата и влезе во Турција заедно со неговата сопруга и двајца вооружени пријатели од македонската организација ВМРО со два автомобили. Вечерва Бугарија побара од Турција екстрадиција на Михајлов. Се очекува дека Турција ќе го одбие барањето, но изгледа ќе го протера бегалецот, кој најверојатно ќе побара азил во Италија“.
Има уште некои детали од каблограмите на агентот Ашенден, но не можеме да пренесеме сѐ. Сепак, во нив има тајни кои не се за да се насладува јавноста. Но тој се осмели да понуди и некаков заклучок, иако тоа не се бара од него – партијата која се гордее со револуционерното минато, сега не знае што да прави со него. Да се откаже не може, да продолжи да го споменува е непристојно. Ашенден вели дека можеби ќе се притаи додека не стивне бурата, освен ако бугарската наука и политика не ја присвои целосно историјата на партијата.