Пронајдено уште едно тело на дете во опожарениот автобус
26 ноември 2021Уште едно тело на дете е пронајдено при дополнителен преглед на македонскиот автобус којшто изгоре на автопатот „Струма“ во Бугарија. Со тоа бројката на жртвите од несреќата е 45 лица, како што беа и првичните сомнежи, објави Бугарското национално радио. Ваквата информација ја соопшти заменикот главен обвинител и началник на бугарската Националната истражна служба, Борислав Сарафов.
„Во 21:15 часот во трагичната ноќ преку преминот „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од нив во автобусот пронајдовме 45, а седуммина се во болницата Пирогов. За жал нема уште еден спасен“, рече Сарафов.
Со тоа се разреши енигмата зошто недостига еден од патниците, откако вчера бугарските истражители информираа дека во болница се седуммина, а сведок тврдел дека осум патници биле спасени од автобусот.
Спред неговите најави, бугарскиот истражител и обвинител коишто треба да пристигнат во Скопје, во земјава ќе останат до недела. Ним треба да им биде предадена документацијата со ДНК примероците земени од роднините на загинатите во несреќата, кои што треба да се споредат со анализите од обдукцијата во Бугарија. Со тоа ќе се овозможи полесна идентификација на жртвите.
За денеска е најавена прес-конференција во Владата на која повеќе министри ќе одговараат за прашања поврзани со причините за несреќата и досеганите сознанија од истрагата.
Во тешка сообраќајна несреќа на македонски туристички автобус на автопат во Бугарија загинаа 45 луѓе, а седуммина се повредени. Автобусотот на компанијата „Беса турс“ се враќал кон Скопје од туристичко патување во Истанбул.
Неправилности
Во тек е истрага за превозникот и во Северна Македонија. Инспекторите на Државниот инспекторат за транспорт информираа дека наишле на затворени врати во „Беса транс“ при обидот да го испитаат работењето на фирмата. Три дена по ужасната трагедија на автопатот во Бугарија, инспекторите не успеале да влезат во фирмата, ниту да остварат телефонски контакт со надлежните затоа што никој не им се јавувал.
Во меѓувреме од Министерството за транспорт и врски информираа дека броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус на превозникот „Беса Транс“. Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.
-повеќе на темата: Хронологија на една трагедија: Реконструкција на несреќата на автопатот „Струма“
За опожарениот автобус превозникот „Беса транс“ немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски. Поради тоа, Министерството за транспорт и врски му ја одзеде лиценцата за вршење на дејност.
Според правилата на Европската унија, доколку автобусот на Беса Транс кој имаше несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски патници, немал валидна лиценца за превезување патници, тој не би смеел да премине граница на Европската Унија, во случајов Бугарија.
Aвтобусот за прв пат бил регистриран во октомври 2020 година, а произведен во 2007 година. Според податоците на МВР, тој изминатите две години 135 пати излегол од државата.