1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагичната заблуда на Крис Гуфрој

5 февруари 2019

Источноберлинецот е на само неколку метри оддалеченост од западниот дел на градот кога куршумот го погаѓа право в срце. 20-годишниот Крис Гуфрој до последно верувал дека наредбата за пукање е повлечена. Фатална заблуда.

https://p.dw.com/p/3CkD4
Mauer-Tote Chris Gueffroy
Фотографија: DW/Marcel Fürstenau

Оние кои овде имаат мали објекти, може да се сметаат за среќни. Налето мириса на рози и скара. Типична „градинарска“ идила. Колонијата „Хармонија“ е една од околу 900-те вакви колонии во Берлин. Пред 30 години оваа колонија имала огромна мана - Ѕидот, кој бил оддалечен на само неколку метри. Зад нејзе има тесен канал кој ги поврзувал пристаништето Бриц на запад и Шпреја на исток. На тоа подрачје две момчиња на 5 февруари 1989 година сакаат да си ја остварат најголемата желба - слобода!

Крис Гуфрој и неговиот пријател Кристијан се кријат во шупа во една од градините и гледаат кон местото по кое копнеат - Западен Берлин. Нешто пред полноќ го совладуваат речиси три метри високиот Ѕид на источната страна. Следната пречка е метална ограда, која е исто толку висока. Двајцата ѝ се приближуваат полека. Одеднаш сѐ станува гласно и светло: пиштат сирени, трепкаат светла. Бегалците веројатно активирале аларм.

Повеќе: 

Падна ли навистина Берлинскиот ѕид?

Фотографија на денот: Падот на Берлинскиот ѕид

Каков беше Ѕидот?

Наредбата за пукање е повлечена дури по два месеца

Сепак, не веруваат дека животот им е во најголема опасност. Пријатели им раскажале дека наредбата за пукање е повлечена поради посетата на шведскиот премиер на ГДР. Доколку бегството не успее, двајцата наскоро би биле протерани на Запад - тоа е она во што веруваат и се наоѓаат во заблуда која Крис Гуфрој го чини живот. Граничарите отвораат оган. Еден куршум го погаѓа 20-годишниот келнер Гуфрој право в срце. Неговата смрт предизвика меѓународни протести. На почетокот на април 1989 година, седум месеци пред падот на Ѕидот, лидерот на ГДР, Ерих Хонекер, издава наредба да не се пука врз бегалци.

Крис Гуфрој е последната жртва на Ѕидот. Еден месец подоцна, на 8 март 1989 година, загина Винфрид Фројденберг. 32-годишникот се урна со својот рачно изработен балон на државната граница која минуваше низ Берлин. Фројденберг е хронолошки последната жртва прикажана во галеријата во спомен обележјето Берлински ѕид. Тука се наведени имињата на жртвите, датумите на раѓање и на смртта. На внатрешната германска граница загинаа над 130 лица. Имињата на осумте загинати граничари се вгравирани на друго место во близина.

Stele für Chris Gueffroy, den letzten Mauertoten in Berlin
На едно место на каналот Бриц се потсетува на Крис Гуфрој, последниот убиен на Берлинскиот ѕидФотографија: picture-alliance/T. Rückreis

Сеќавање на жртвите во Капелата на помирувањето

На 30-та годишнина од смртта на Крис Гуфрој во Капелата на помирувањето се одржува помен во знак на сеќавање на него. Малата капела од глина и дрво се наоѓа среде поранешниот граничен појас и е дел од спомен обележјето Белински ѕид. Од 2005 година овде во текот на речиси цела година има по четири помени неделно, во чие средиште е конкретна судбина на загинати на Ѕидот. Во случајот на Гуфрој се потсетува на младо момче кое не сакало да оди во војска и затоа не смеело да прави матура. Момче кое сонувало да стане актер или пилот.

„Сѐ додека ги читаме биографиите на жртвите, нивните судбини остануваа дел од нашата сегашност“, вели директорот на спомен обележјето Аксел Клаусмајер за ДВ. „Нивните судбини покажуваат колку било големо страдањето и желбата за слобода.“

Меѓутоа, Клаусмајер истовремено го нагласува и безвременското значење на сеќавањето. Тоа не е нешто што може да се склопи или да се затвори. Историчарот тука гледа идентитетски процес „кој ни помага да ја разбереме сегашноста, со тоа што ќе го чуваме сеќавањето будно“. Тоа во спомен обележјето Берлински ѕид особено добро функционира кај „Спомен-прозорецот“, каде има фотографии на жртвите. Од анкетите е познато дека повеќето посетители на тој начин воспоставуваат емоционална и индивидуална врска со една апстрактна тема како што е поделбата на Германија.

„Диктатурите може да се надминат мирно“

Fenster des Gedenkens
„Спомен-прозорецот“ со фотографии и имиња на жртвите - долу десно Крис ГуфројФотографија: DW/Marcel Fürstenau

А, интересот е огромен. Година за година сѐ повеќе луѓе од целиот свет сакаат да видат еден од малкуте преостанати оригинали од Ѕидот. Во 2018 година дојдоа над еден милион луѓе. Домашните посетители, вели Клаус Мајер, со внатрешната германска граница се поврзани честопати со лични сеќавања или семејни приказни. Странските туристи, пак, често доаѓаат од една причина - да го видат Ѕидот. Покрај Северноамериканци и Западноевропејци, во спомен обележјето често доаѓаат многу Јужнокорејци.

„За нив посетата е поврзана со многу директна и емоционална врска со нивната земја“, нагласува Клаусмајер. Берлин и неговото спомен обележје за многу луѓе од поделената азиска земја се места на надеж. Зашто историјата на Ѕидот покажува: „Диктатурите може да се надминат и мирно, доколку тоа го дозволуваат политичките рамковни услови.“

„Ние, Германците, сме најсреќниот народ на светот“

Како и зошто тоа успеа во Германија? И тоа може да се види и дознае во спомен обележјето. „Ние, Германците, сега сме најсреќниот народ на светот“, рече градоначалникот на Берлин во тогашен Западен Берлин, Валтер Момпер, на собир кој се одржа еден ден по падот на Ѕидот. Крис Гуфрој не можеше да ги почувствува овие среќни моменти во ноември 1989 година.

Неговата желба за слобода била толкава што тој го ризикуваше животот - и загуби, затоа што верувал во гласини. „Ѕидовите може да убијат луѓе“, констатира со жалење Клаусмајер и притоа мисли на ѕидовите од 21. век. Но, луѓето не може да бидат запрени со ѕидови. „За тоа треба да сме свесни кога дискутираме за воено обезбедување граници.“