Трамп: Ако средбата со Ким не е плодна, си заминувам
19 април 2018Претседателот на САД е внимателен пред одржувањето на средбата со лидерот на Северна Кореја. Доколку средбата „не биде плодна“, тој „со респект“ ќе ја напушти, рече Доналд Трамп.
Американскиот претседател по средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе на Флорида изјави дека смета оти средбата со Ким Јонг Ун ќе биде „многу успешна“, но и додаде: „Доколку сметам дека средбата нема да биде плодна, нема да отидеме. Доколку средбата на која веќе присуствувам не е плодна, ќе ја напуштам со респект“. Трамп рече и дека е „радо флексибилен“ и повтори дека се надева на траен мир меѓу Северна и Јужна Кореја. „Се надеваме дека ќе го дочекаме денот кога целиот Корејски Полуостров ќе може да живее заедно во безбедност, благосостојба и мир“, изјави Трамп.
Тој потврди дека имало средба на шефот на ЦИА и иден американски министер за надворешни работи Мајк Помпео со Ким Јонг УН во Пјонгјанг. Според американскиот претседател, средбата на Помпео и севернокорејскиот властодржец минала „без проблеми“. Трамп сака да се сретне со Ким најверојатно „на почетокот на јуни или претходно“.
Повеќе:
- Доналд Трамп го условува Ким Јонг Ун
Меѓународната агенција за атомска енергија се надева дека од таа средба ќе има конкретни резултати. „Се надеваме дека овој развој ќе доведе до конкретни резултати“, изјави шефот на МААЕ, Јукија Амано, за денешното издание на „Зиддојче цајтунг“. Доколку разговорите минат успешно и МААЕ добие соодветен мандат, тогаш инспекторите на МААЕ би биле подготвени да почнат со инспекција на севернокорејските атомски постројки за неколку недели, вели Амано.