1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ги жигоса Кина и Русија

ЕМФ /агенции
19 декември 2017

Кина и Русија се ривали на САД, оцени во говор за американската безбедносна стратегија претседателот Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/2pccD
USA Präsident Donald Trump in Washington
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Американскиот претседател Доналд Трамп претстави нова национална безбедносна стратегија и тука, првпат, ја вклучи и економската безбедност на земјата. Стратегијата се ориентира на приоритети според принципот „Америка на прво место“: заштита на САД и границите на земјата, зајакнување на армијата, решителен настап во надворешната политика и склучување трговски договори од кои САД ќе профитираат во поголема мера отколку досега.

Како предизвик за САД, Трамп, меѓу другото, ги наведе и политиките на Русија и Кина. Москва, како што рече, „со модернизирани форми на субверзивни тактики“ се меша во внатрешните работи на државите, а со „офанзивни сајбер-напори“ се прават обиди да се влијае врз јавното мислење ширум светот.

Во документот за новата безбедносна стратегија меѓутоа не се повторува обвинувањето на американските власти дека владата во Москва се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година. Русија ги отфрли ваквите обвинувања.

Во текстот, кој инаку е изработен од најблиските соработници на Трамп, има и остри формулации, како „Русија прави обиди да го ослабне влијанието на САД во светот и да нѐ раздели од нашите сојузници и партнери“. Освен тоа, се вели дека руското нуклеарно оружје е „најзначајна егзистенцијална закана за САД“.

На Кина во документот ѝ се префрла дека сака да ги „истисне“ САД од Азија. „Наспроти нашите надежи, Кина ја прошири својата моќ врз грбот на сувереноста на други“, се вели во документот со укажување на крадењето податоци, трговскиот дефицит и „обележјата на авторитарниот систем“ на Кина.

Трамп истовремено нагласи и дека со двете земји сака да гради „ивонредни партнерства“. Тој сака да соработува со владите во Москва и Пекинг кога тоа е од американски интерес.

Во својот говор пред 650 гости, меѓу кои и министри, пратеници, воени лица и вработени во тајните служби, Трамп се осврна и на корејската криза, која би морало да се реши. „Друг избор немаме“, рече американскиот претседател.

Symbolbild Deutschland USA Abhören NSA
Во безбедносната стратегија на САД има остри формулации, а таа се ориентира на приоритети според принципот „Америка на прво место“Фотографија: Imago

Русија и Кина со брз одговор

Владата во Москва го отфрли обвинувањето на Трамп дека Русија претставува опасност за САД. „Со тоа не можеме да се согласиме“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој оцени дека на прв поглед безбедносната стратегија на Трамп има „империјалистички карактер“. Според Песков, очигледно недостига волја за откажување од унилатерализмот. Сепак, Трамп покажува подготвеност за соработка со Русија за теми од заеднички интерес, рече Песков, додавајќи дека стратегијата би морала да се проанализира подетално.

Кина исто така реагираше на говорот на американскиот претседател, отфрлајќи го обвинението за ривалитет со САД. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг, пред новинарите во Пекинг изјави дека САД би требало да престанат да ја прикажуваат Кина постојано во погрешно светло и да размислуваат како во времињата на Студената војна. „Во спротивно им нанесуваат штети и на другите и себеси“, рече Хуа. Според нејзе, Кина никогаш нема да се развива врз грбот на други земји, но и никогаш нема да се откаже до своите легитимни права и интереси. Не е изненадување што постојат разлики меѓу две големи сили, но нив треба да им се пристапува конструктивно, оцени Хуа, која рече дека „соработката е единствениот вистински избор за Кина и САД“.