1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп го отпушти шефот на ФБИ, Коми

СН /дпа,афп,ртр
10 мај 2017

Кадровско-политички тресок во САД. Целосно изненадувачки, претседателот Доналд Трамп го разреши директорот на сојузната полиција- среде истрагата која ФБИ ја води против неговиот изборен тим.

https://p.dw.com/p/2ciWo
Washington Senat Aussage FBI Director James Comey
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Одлуката на Доналд Трамп дојде како гром од ведро небо. Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми е разрешен од функцијата под итна постапка, соопшти Белата Куќа. ФБИ во моментов е задолжен за истрагата за можните врски меѓу тимот на Трамп и Русија за време на кампањата за претседателските избори во САД. Веќе поради тоа директорот на ФБИ важеше речиси за недопирлив. Истрагите против тимот на Трамп со месеци наназад фрлаат сенка врз претседателствувањето на републиканецот.

Во писмо упатено на Коми, кое го пренесоа американските медиуми, Трамп истакнува: „Примив писма од генералниот сојузен обвинител и неговиот заменик во кои се препорачува Ваше разрешување од функцијата директор на ФБИ. Јас ја прифатив оваа препорака. Со тоа завршува Вашата должност како директор на ФБИ и одлуката стапува во сила веднаш“

Коми не може ефикасно да раководи со ФБИ?

Претседателот на САД натаму во писмото вели: „Знам да го ценам тоа дека во три посебни наврати ме информиравте дека не се води истрага против мене, но сепак се согласувам со проценката на Министерството за правда дека не сте во состојба ефикасно да раководите со ФБИ“. Трамп на крајот од писмото додава дека сега е  од „есенцијално значење“ да биде повратена довербата во ФБИ.

USA Donald Trump und James Comey
Фотографија: Getty Images/A. Harrer

Џејмс Коми како директор на ФБИ во последниов период беше задолжен за истрагата за евентуалното вмешување на Русија во изборниот процес во САД  и за хакерскиот напад врз изборниот штаб на претседателската кандидатка од редовите на Демократите, Хилари Клинтон, за време на кампањата за претседателските избори.

Среде предизборната кампања Коми спроведе истрага и за приватниот сервер кој Хилари Клинтон го користела додека била на чело на американскиот Стејт департмент.

56-годишниот Коми пред четири години беше поставен на чело на Федералното истражно биро од страна на тогашниот претседател на САД, Барак Обама. Регуларниот мандат на директорот на ФБИ  е преку десет години.