Трамп и климата: блокада или напуштање?
1 јуни 2017Ангела Меркел веќе нема илузии: „Целата расправа на тема клима беше многу незадоволителна“, изјави таа, изненадувачки директно, по самитот на Г7 во Италија. „Досега нема сигнали дека САД ќе останат дел од Договорот“. Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави дека во текот на неделава ќе донесе одлука во врска со заштитата на климата.
Прво сценарио: напуштање на Договорот од Париз
145 земји членки на ОН го потпишаа и ратификуваа Парискиот договор. Особеноста на овој договор е во тоа што тој, согласно меѓународното право, ги обврзува земјите да достават национален план за клима, но тој сам по себе не претставува национален план. Поради тоа беше можно претходната влада на Барак Обама во САД да го прифати договорот, но без да бара дозвола за тоа од Конгресот. Трамп не е импресиониран со заштитата на климата и тоа јасно им го става до знаење на сите. Доколку реши да му стави крај на американското прифаќање на договорот, правилата предвидуваат дека тоа тој може да го стори дури за три години, бидејќи толку време е потребно за објаснување на напуштањето. Покрај тоа, процесот во кој се одговара на сите отворени прашања може да трае уште една година. Поинаку кажано: Трамп би можел да го објави својот триумф само доколку повторно биде избран на следните избори.
Второ сценарио: да се остане и да не се прави ништо
Тој едноставно може да остане и да не прави ништо. Амбициозниот „План за чиста енергија“ на неговиот претходник со кој Обама сакаше да ги намали емисиите на гасови за една третина до 2030 година, Трамп го релативизираше уште во март. Како и секогаш, со декрет. Но, доколку Трамп остане дел од Парискиот договор и ги саботира неговите цели, нема да може тоа да го продава како нешто спектакуларно.
Трето сценарио: напуштање на конвенцијата на ОН
Третата варијанта би била навистина спектакуларна. Трамп би можел да излезе од групата земји кои ја потпишаа Рамковната конвенција за климатските промени на ОН. Таа е потпишана уште во 1992 година во Рио, и ратификувана е од речиси сите земји-членки на ОН (195) и стана основа за меѓународната климатска заштита. По неа стигна Протоколот од Кјото во 1997 година, кој беше прв меѓународен документ за климатска заштита, а потоа и Договорот од Париз. Трамп би можел да ја поништи важноста на оваа конвенција во САД за една година, и потоа, САД веќе нема да имаат претставник во ова тело на ОН. Поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш исто така долго го блокираше секој напредок на состаноците за климатските промени, но секогаш беше јасно дека неговата земја останува на преговарачката маса. Но сега е можно тоа веќе да не е случај.