Трамп во обид да ги објасни коментарите за Шведска
20 февруари 2017Коментарите за Шведска кои претседателот Трамп ги кажа на митинг во Флорида за време на викендот предизвикаа збунетост во скандинавската држава.
„Погледнете што се случи синоќа во Шведска. Шведска. Кој би поверувал во ова? Шведска“, беа зборовите на Трамп. „Тие примија голем број (мигранти н.з.). Имаат проблеми какви што никогаш не ни помислуваа дека може да имаат“, продолжи тој, имплицирајќи дека земјата е жртва на терористички напад.
Официјалниот Твитер-профил на Шведска со кој управуваат граѓаните, на ваквите коментари одговори дека во скандинавската земја „ништо не се случило“ и дека таму „сѐ е во ред“. Школската бибилиотекарка која моментално е задолжена со управување на профилот се заблагодари за извинувачките коментари од граѓаните на САД.
Во својата реакција на коментарите на Трамп, поранешниот министер за надворешни работи на Шведска беше подиректен и праша „Што ли пушел тој? Има изобилство од прашања“.
Во неделата, Трамп на својот Твитер-профил напиша дека неговата изјава се однесувала на прилогот емитуван на телевизијата „Фокс њуз" за имигрантите и Шведска. Во петокот, телевизиската мрежа објави интервју со продуцентот на документарни филмови Ами Хоровиц за наводните ефекти од имиграцијата во Шведска.
Голем број официјални претставници во Шведска го отфрлија како несериозен документарниот филм во кој се заговара дека зголемувањето на бројот на случаи на насилен криминал се должи на зголемувањето на бројот на бегалци во земјата. Официјалната статистика покажува дека стапката на криминал во Шведска е во опаѓање од 2005 година иако во земјата се примени повеќе илјади имигранти.
Со популација од околу 9,5 милиони жители, Шведска прими речиси 200.000 бегалци, главно од Сирија, Авганистан и Ирак. Ваквата политика на скандинавската земја значи дека таа примила повеќе бегалци по глава на жител од било која друга европска нација.
Се бара објаснување
Во неделата, шведската амбасада во САД, на својот Твитер- профил напиша дека со нетрпение очекува „да ја информира администрацијата на САД за шведските политики за имиграција и интеграција“.
Министерот за надворешни работи Маргот Валстром објави дел од нејзин говор во кој таа вели дека демократијата и дипломатијата „бараат од нас да ги почитуваме науката, фактите и медиумите“.
Една од онлајн реакциите кон коментарите на Трамп беше и потрагата по вистински настани кои се случиле во Шведска минатиот петок преку „хаштагот" #lastnightinsweden. Резултатите се: влез на Шведска во прелиминарната рунда на натпреварот Евросонг и снежна бура.
(Ројтерс, дпа)