1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Орбан сакаат да ги продлабочат односите

ЕМФ / дв
13 мај 2019

Трамп е прв американски претседател по повеќе од една деценија кој ќе биде домаќин на еден унгарски премиер. На средбата со Орбан, меѓу другото, ќе се разговара за трговија, одбранбена политика и сајбер-безбедност.

https://p.dw.com/p/3IORy
NATO Donald Trump Belgien Mimik
Фотографија: Getty Images/D.Gys

Американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Вашингтон треба да разговараат за продлабочување на односите. Ќе стане збор за трговски прашања, сајбер-безбедност и одбранбена политика, соопшти Белата куќа. Тема би требало да биде и 20-годишното членство на Унгарија во НАТО.

Виктор Орбан, кој важи за човек кој му се восхитува на Трамп, е првиот унгарски премиер кој е гостин во Белата куќа по 14 години. Високи членови на Конгресот од двете партии, Републиканската и Демократската, изразија задршки пред посетата на Орбан.

„Во изминатите години демократијата во Унгарија претрпе значителна ерозија“, напишаа во заедничко писмо до Трамп претседавачот на Комисијата за надворешна политика на Сенатот, Џим Риш од Републиканската партија и демократскиот сенатор Боб Мендез. Во нивното писмо, според агенцијата Ројтерс, тие уште оценуваат: „Во мандатот на Орбан попушти конкуренцијата во изборниот процес, а правосудството е сѐ повеќе контролирано од страна на државата.“

Повеќе:

Орбан му го заврте грбот на Вебер за европските избори

Популизам: анализа на еден феномен

Освен тоа, сенаторите изразуваат и загриженост поради блиските односи на членката на НАТО, Унгарија со Русија. Повеќе демократски пратеници укажаа на тоа дека Орбан давал антисемитски и ксенофобни изјави и побараа од Трамп да ја откаже средбата.

Орбан во Вашингтон пристигнува десет дена пред одржувањето на европските избори. Тој во ЕУ е соочен со големи критики. Му се префрла дека делува антиевропски, дека има тенденција да владее авторитарно и дека ја ограничува слободата на мислењето, на медиумите и на науката.