1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп: Опасно мавтање со сабја против Северна Кореја

Миодраг Шориќ
9 август 2017

Доналд Трамп не е познат по воздржани зборови, но неговата закана кон Пјонгјанг има нов квалитет. Овој конфликт е крајно опасен, бидејќи и на двете страни може да им се изјаловат шпекулациите, коментира Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2hw96
Nordkorea Missile Tests
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones

Доналд Трамп ѝ се закани на Северна Кореја со „оган, бес и моќ“, какви што светот сѐ уште не видел. Зошто светот овие зборови не може - како и многу други  изјави на овој претседател -  да ги отфрли како празно дрдорење? Како уште една најава на нарцисоидниот политичар по која не следуваат дела? Одговорот може да биде затоа што оваа војна на зборови може да ескалира во воен судир кој би имал фатални последици за милиони луѓе. Тоа не би бил прв судир кој почнува само со заканувачки гестови, но на крајот излегува од контрола и конечно се развива во катастрофална војна.

Врховен командант на најмоќната армија

Американскиот претседател е врховен командант на најмоќната армија во светот. Затоа тој уште повнимателно треба да ги одмерува  своите зборови и закани од ваков вид да искажува само ако е и навистина подготвен на воен напад. Но, претпазливоста, предвидливоста, рационалноста и смиреноста не припаѓаат кон карактерните особини на овој претседател. За жал. Тој не задржува ладна глава. Напротив. Тој е „вжештена глава“. Спроведува политика од стомакот, импулсивен е, нестрплив, емотивен - а со тоа и опасен. Токму затоа, според  поранешниот претседател Барак Обама, Трамп е несоодветен за врховен командант. Но, американските гласачи одлучија поинаку. Секоја надеж дека Трамп расте во функцијата, поразумно формулира и дејствува, во меѓувреме е разнишана. Зборовите на Трамп упатени кон ракодовството на Северна Кореја уште еднаш го докажуваат ова.

Со заканата на претседателот сега во прашање е доведен кредибилитетот на неговата земја. Ако Вашингтон попушти, што во моментов би било разумно, други моќници и противници на Америка многу добро ќе си го забележат тоа. Во некоја пригода тие ќе го следат примерот на Северна Кореја - и исто така ќе им се спротивстават на САД. Како последица на тоа, САД сега не смеат да потклекнат, не смеат да  покажат слабост пред криминалното раководството на Северна Кореја. Сепак, тоа не смее да доведе до војна, која може да го турне целиот регион во катастрофа.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Овој конфликт може да бидат надминат само ако двете страни попуштат. Или ако некој чесен посредник помогне за деескалација на ситуацијата. И двете недостасуваат. Ниту САД ниту Северна Кореја досега не сакаат да попуштат. Можните посредници, како што се Кина и Русија, си играат сопствена игра. За волја на вистината и Пекинг и Москва се против нуклеарното оружје во рацете на режимот на Ким. Но, тие дури уште повеќе се плашат од проширување на американското влијание, ако овој диктатор биде соборен од власт. Значи состојбата на статус кво со сталинистичкиот режим во Пјонгјанг целосно кореспондира со нивните национални интереси.

Чии шпекулации ќе се изјаловат?

Со тоа Трамп очигледно не сака да се помири. Тој сака Северна Кореја да ја принуди на разоружување, но тоа, како што стојат работите во моментов,  може да го направи само со сила. Северна Кореја раководството од своја страна пак калкулира дека Трамп конечно не е вистински подготвен за војна и продолжува масивно да го унапредува вооружувањето. Само со поседување на нуклеарна бомба, смета Пјонгјанг, земјата ќе може да ги преживее наредните децении. Комплицирана, опасна ситуација, во која сѐ уште може да се покажат како погрешни шпекулациите на сите страни. Бидејќи Трамп е фрустриран затоа што тој навистина не напредува во спроведувањето на неговата владина програма, неговата партија го остава на цедило и неговите некогашни поддржувачи веќе одамна се разочарани. Тоа не би била прва војна која би се водела во странство, за да се одврати вниманието од внатрешнополитичките проблеми.