1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп - прекршување на уставот или лов на вештерки?

Оливер Салет
26 септември 2019

Како и за извештајот за руската афера на Роберт Мулер, Демократите и Републиканците и сега се борат со нивните толкувања за она што го направи Доналд Трамп. Но, овој пат доказите се појасни, смета Оливер Салет.

https://p.dw.com/p/3QGah
Bildkombo Nancy Pelosi und Donald Trump Impeachment

Толку децидна не била никогаш: Претседателот Трамп го прекршил Уставот на Соединетите Американски Држави, вели Ненси Пелози. А овојпат спикерката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес е сигурна во тоа, иако со месеци предупредуваше дека се потребни цврсти докази за постапка за  импичмент. Она што следува сега е случај Мулер 2.0, односно сурова борба за суверенитет на толкувањето на еден телефонски разговорот со огромна политичка експлозивност.

Ризикот за демократите е голем

Но, Мулер 2.0 може да биде и втора шанса за Демократите. Обвинувањето за злоупотреба на службената должност против претседателот Трамп овој пат не може лесно да се демантира и да се побие со вообичаената „реторика за лов на вештерки“.

Самиот Трамп призна пред новинарите дека побарал инкриминирачки докази против синот на неговиот ривал, Џо Бајден и во протоколот на телефонскиот повик  прилично јасно може да се прочита дека Трамп замолил странски шеф на држава да спроведе истрага против неговиот политички противник - ова е злоупотреба на службената должност.

Но, претседателот Трамп непоколебливо инсистира на својот став. Нема ништо дискутабилно околу неговиот телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој знае дека досега сите обвинувања на Демократите и на специјалниот иследник Роберт Мулер беа отфрлени. Демократите веруваат дека во овој случај тоа би можело да се промени.

DW Nachrichten TV Oliver Sallet
Оливер Салет, дописник на ДВ од Вашингтон и автор на коментаротФотографија: DW

Едно е јасно: ризикот за Демократите е голем. Како и по објавувањето на извештајот на специјалниот истражител Роберт Мулер, претседателот Трамп се обидува постапката за импичмент да ја брендира како очајнички обид на Демократите да го тргнат од тронот. И на Твитер, тој се огласи победнички: Постапката за импичмент ќе го обезбеди неговиот реизбор.

Лоши резултати во анкетите за Трамп

Всушност,  записникот од телефонскиот разговор со украинскиот претседател навистина јасно покажува дека Трамп овој пат отишол предалеку. Истрагите не само што ќе се фокусираат на ова, туку уште еднаш во јавноста ќе ги изнесат и обвинувањата од извештајот на Мулер, како на пример попречувањето на работата на судството.

Иако мнозинството Американци во моментот се против постапка за импичмент, сепак е јасно дека Доналд Трамп веќе сега губи во анкетите во директната споредба со повеќето демократски кандидати - од Џо Бајден, кој ја води скалата на популарност, дури и значително.

Демократите не можат да победат во постапката за импичмент благодарение на републиканското мнозинство во Сенатот - на крајот веројатно ќе претрпат јасен пораз. Но, и не мора да победат. Имено постапката за отповикување од функцијата, со сигурност нема Доналд Трамп да го направи попопуларен претседател.

Да, тоа е истрошувачка борба, која, меѓутоа, долгорочно, може да им  користи на Демократите. Зашто една година пред изборите, токму Доналд Трамп е тој кој сѐ повеќе се истрошува себеси: и тоа не само поради извештајот на Мулер и телефонскиот повик во Украина. Заканувачката рецесија во САД би го погодила токму таму каде што е најранлив - и би додала нова релевантност на стариот изборен слоган на демократите: It's the economy, stupid!