1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп сепак попушти

ЖА / агенции
21 јуни 2018

Американскиот претседател се повинува на јавниот притисок и ја смени политиката на раздвојување на мигрантските семејства на границите. Во иднина родителите и децата ќе одат заедно во затвор.

https://p.dw.com/p/2zzxc
USA | Präsident Donald Trump unterzeichnet Executive Order zur Beendigung der Trennung von Kindern und Eltern
Фотографија: picture-alliance/dpa/Abac Press/O.Douliery

По жестоката критика од земјата и од странство, американскиот претседател Доналд Трамп направи драстично свртување во курсот во важен дел од својата миграциска политика. Во иднина, родителите кои стигнуваат илегално преку јужната граница, нема да бидат раздвојувани од своите деца, за што претседателот вчера потпиша декрет. Праксата на разделување на децата од родителите беше критикувана од Демократската партија, но и во самата партија на претседателот, Републиканската. Во дебатата со критики се вклучија и папата Франциско, како и владите на Германија и на Велика Британија.

„Станува збор за тоа семејствата да бидат заедно, а од другастрана да се погрижиме да имаме моќна и солидна граница“, изјави Трамп при потпишувањето на декретот во Белата куќа. Тој му дал налог на својот министер за правда за соодветна промена на регулативата. Трамп сепак останува на својата политика на „нулта толеранција“, според која секој нелегален влез преку мексиканско-американската граница претставува кривично дело.

Повеќе:

Кој ќе го гради ѕидот меѓу САД и Мексико?

Од владини извори се вели дека Трамп осознал дека раздвојувањето на семејствата прераснува во растечки политички проблем.  На промена на праксата инсистирала и неговата сопруга Меланија.  Вчерашната одлука е една од ретките при кои Трамп отстапува од својот тврд став. Тој во предизборната кампања вети цврста доселеничка политика и градење ѕид на границата кон Мексико заради спречување на илегалната миграција.

Од почетокот на мај американските власти разделиле преку 2340 деца од нивните родители на границата кон Мексико. Децата се сместувани во прифатни центри, додека нивните родители се во затвор. Трамп за ситуацијата ги обвинуваше опозиционите Демократи, иако во двата дома од Конгресот Републиканската партија има мнозинство.