1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп - сејач на омраза

Константин Клајн
2 ноември 2018

Американскиот претседател сака да ја зајакне границата кон Мексико со 15.000 војници за да спречи влез на 5.000 невооружени мигранти од Централна Америка. Тоа е чиста изборна кампања и е без мерка, смета Константин Клајн

https://p.dw.com/p/37Xs9
Mittelamerika Flüchtlings-Caravan Richtung USA - San Salvador
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Recinos

Зборот „ксенофобија“ потекнува од старогрчкиот јазик и, буквално преведено, значи „страв од туѓинци“. Од психолошки аспект, неговата употреба е слична како и онаа на поимот „фобија“ во други политички или општествени корелации. Оној кој себеси на пример се нарекува „хомофоб“, не само што се плаши од хомосексуалци, туку има и негативни чувства кон нив, како омраза и потценување. Сосема слично, ксенофобијата ја карактеризира не само страв, туку и омраза и презир кон туѓинците.

Тука стигнуваме кај Доналд Трамп. Тој, кој со право треба вистински да стравува од конгресните избори следната недела, одамна разгорува стравови, омраза и презир кај своето изборно тело, кон сѐ и секого кој е „поинаков“. Омразата, потценувањето и ширењето стравови се суштествени составни делови на Трамповата работа со јавноста, иако притоа од неа произлегуваат смешни, нехумани или иреални идеи како изградбата на ѕид кон Мексико, ветена во изборната кампања, разделувањето на  илегалните доселеници  од нивните деца и бебиња или, најновата идеја - промена на уставно содржаното право на стекнување државјанство со раѓање со самоволен претседателски акт.

Контрааргументите, како прескапоста на ѕидот, критиките дури и од редовите на Републиканската партија во однос на безобѕирниот однос на претставниците на Службата за имиграција и укажувањата на речиси сите уставни експерти, за Трамп се интересни единствено како дополнителна муниција во неговата борба за раздор на нацијата, поделба на добри и „либерали“, преку што ја обезбедува својата власт. Притоа и неговите Републиканци одамна на сите кои се полево ориентирани од нив им прикачуваат етикета „либерали“, во нивниот речник - синоним за комунисти. Оној кој не е за Трамп и неговите идеи, кој е против него, е комунист или предавник.

Kommentarbild Klein Konstantin
Константин Клајн

Актуелната најава на Трамп за испраќање до 15.000 американски војници на мексиканската граница  заради запирање на караванот од 5.000 невооружени мигранти, значи натамошно ширење стравови и омраза кај неговите симпатизери: ако претседателот смета дека е неопходно испраќање маса добро обучени и тешко вооружени војници на границата, тогаш мора да постои голема опасност по националната безбедност. За целната група на Трамп притоа не игра никаква улога што американските трупи не смеат да преземат ништо без изречен налог од Конгресот, што во случајов не постои, освен заплашувачки да стојат на границата. Тие не смеат да ги спречат мигрантите  да ја преминат границата, можат единствено да ги алармираат граничните единици доколку забележат илегално преминување на границата. А истото може да го направи кој било фармер во пограничната област. 

Неочекуваниот успех на Трамп како изборен борец во 2016. година ги изненади сите, вклучувајќи го и него самиот.  Со оглед на тоа што во меѓувреме тој малку нешто лиферуваше за своите гласачи, Трамп може да смета на повторување на својот успех само преку натамошно одвртување на сите шрафови на својата реторика и преку задоволување на сензационалистичкиот глад на своите приврзеници, а мора да се каже - и на американските медиуми, со постојано нови преувеличани идеи.

Колку и да се куриозни неговите идеи и пароли, поради нив, поради од Трамп спроведувана политика, страдаат граѓаните. А притоа не профитира ни гласачкото тело на Трамп. Отфрлените доселеници не можат да придонесат за нови работни места во рударството или автоиндустријата, ниту за подобар здравствен систем и намалување на даноците. За страдањата одговорност сноси американскиот претседател. Погледнато од овој агол, куриозната изборна кампања од Трамп прави сејач на омраза.