1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп стапи на функцијата: „Прво Америка“

СН/ агенции
21 јануари 2017

„Денеска власта од Вашингтон ви ја враќаме вам- на народот“, порача новиот американски претседател во инаугурацискиот говор.

https://p.dw.com/p/2WAi7
USA Amtsübernahme Trump Eid
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Според традицијата, на свечена церемонија во Вашингтон, Доналд Џон Трамп положи заклетва како 45. претседател на САД. Својот инаугурациски говор Трамп го започна со искажување благодарност на поранешните американски претседатели и сите луѓе во светот. Тој потоа истакна дека во Вашингтон на секои четири години се извршува мирна транзиција на власта и посебно му се заблагодари на својот претходник Барак Обама и на доскорешната Прва дама на САД , Мишел Обама.

„Меѓутоа денешната церемонија има посебно значење“, истакна Трамп, бидејќи денеска не извршуваме вообичаено примопредавање на власта меѓу администрации или партии. Денеска власта од Вашингтон ви ја враќаме вам- народот“, истакна новиот американски претседател, кој потоа го критикуваше естаблишментот- мала група во главниот град која ја злоупотребувала власта додека сметката ја плаќале луѓето.

„Ова е ден кога власта му ја враќаме на народот“

„20 јануари 2017 ќе остане запаметен како ден кога народот повторно стана владетел на оваа нација. Заборавените во нашата земја повеќе нема да бидат заборавени“ , истакна Трамп. „Од денеска натаму нова визија владее со оваа земја. Од денеска натаму важи само: прво Америка (America first)

Тој го заврши обраќањето со неговиот слоган од изборната кампања, кој беше проследен со големи овации: „Ќе ја направиме Америка повторно голема“.

.