Трговска војна на Балканот?
4 август 2017Одлуката на Хрватска да ги зголеми таксите за преглед на увозно овошје и зеленчук од 12 на 270 евра предизвика бурни реакции ана незадоволство во регионот. Претставници на Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и на Косово ќе се сретнат во понеделник (7.8.) во Сараево за да се договорат за заедничко делување. Се споменуваат и реципрочни мерки. Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ, смета оти хрватската одлука е спротивна на принципите за слободна трговија. „Мерките на Хрватска се дикриминирачки не само за земјите во регионот туку и за Турција и уште неколку земји“, рече Шаровиќ. Тој верува дека поскапувањето на фитосанитарната инспекција ќе ја намали конкурентноста на босанско-херцеговските извозници и ќе овозможи доминантна положба на хрватските производители.
Властите во БиХ се под притисок на домашните производители кои бараат итна реакција и воведување реципрочни мерки. „Ваквата одлука е непримерна за една членка на ЕУ. Зголемувањето на увозната такса ќе има исклучително негативни последици врз босанско-херцеговските производители и извозници, што е спротивно на принципите за слободна трговија и на одредбите на Договорот за стабилизација и придружување (ДСП)“, вели за ДВ претседателот на Здружението на овоштари на Република Српска, Драгоја Дојчиновиќ. Тој истакнува дека до сите нивоа на власт во БиХ е упатено барање од босанско-херцеговските производители за воведување реципрочни мерки кон Хрватска
Апел за заштита на домашното производство
„Онака како што тие воведоа мерки кон нас и ги зголемија таксите, така и ние мораме да воведеме мерки кон Хрватска. Ако тие нам ни воведоа и ги зголмија таксите, истото мораме да го сториме и ние во БиХ за стоката која доаѓа од Хрватска. Хрватска би била во тој случај пооштетена отколку што сме ние сега. Тие неколку пати повеќе извезуваат во БиХ отколку што БиХ извезува во Хрватска, односно во земјите од ЕУ. Тоа е нашиот став и тоа нашите политичари и преговарачи мораат да го поддржат ако се грижат за своите луѓе, производители и извозници. Само така може да се заштитат нашето производство и нашиот пазар, но и нашите потрошувачи“, категоричен е Дојчиновиќ.
Производителите и извозниците погодени од хрватската одлука веруваат дека се работи за „директно кршење“ на ДСП. Остро реагираше и Србија. Премиерката Ана Брнабиќ смета оти Европската комисја мора да реагира бидејќи хрватската одлука за зголемување на таксата на увозно овошје и зеленчук е „јасен прекршок во смисол на ДСП“. Српскиот министер за трговија Расим Лајиќ, за весникот „Дневен Аваз“ изјави дека Србија веќе работи на подготовка на одредени заклучоци кои би требале да бидат усвоени на состанокот во Сараево. „Наша цел не е да ја заостирме ситуацијата туку со дијалог да го решиме проблемот. Ако не успееме во тоа, тогаш зедно ќе делуваме, бидејќи станува збор за драстично кршење на ДСП. Во тој договор јасно стои оти од денот на стапување во сила несмее да има нови царини, такси и зголемување на постоечките“, тврди Лајиќ.
Хрватски одговор и реакција на соседите
Хрватските претставници исткнуваат дека станува збор за заштита на домашните производители и оти со зголемување на давачките за контрола на увозно овошје и зеленчук од трети земји, Хрватска не го прекршила ДСП. Од хрватското Министерство за земјоделство е соопштено дека не станува збор „надворешно царинска бариера“ туку за „надоместоци за инспекциски надзор“. Појаснето е оти деталната контрола на границите „чини и бара поширок обем на работа, како и поголем ангажман на граничните инспектори“, и дека одлуката за висината на надоместокот за контрола за усогласување на овошје и зеленчук со пазарните стандарди е „право на секоја земја членка (ЕУ)“.
Не е спорно оти и државите кои не се членки на ЕУ имаат право на заштита на сопствените интереси. Заедничкиот апел на БиХ, Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово е веќе упатен до Европската комисија.
Потпретседателот на Надворешно-трговската комора на БиХ, Немања Васиќ, вели дека БиХ и другите земји во регионот се подготвени заедно да делуваат кон Европската комисија и Хрватска, но не е оптимист во поглед на навремена реакција. „Сѐ би можело да биде доцна, бидејќи сезоната на зеленчукот ќе потрае уште околу 2 месеца, значи толку долго колку што Европската комисија би можела да ја разгледува нашата примедба. Ние ќе упатиме писмо до Хрватска, но не верувам дека Хрватска експресно ќе постапи по нашето барање", рече Васиќ. Спорната хрватска мерка така би можела да остане во сила толку колку што на земјоделскиот сектор во Хрватска ќе му биде потребно без конкуренција од соседните земји да ги пласира своите производи на сопствениот пазар.