1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тресењето на Меркел отвори прашања за нејзиното здравје

ЕМФ /агенции
19 јуни 2019

Цврстината и издржливоста на германската канцеларка Ангела Меркел се познати. Но, сцената од дочекот на украинскиот претседател во Берлин сега отвори прашања за нејзината здравствена состојба.

https://p.dw.com/p/3Kgza
Deutschland Merkel empfängt Selenskyj mit militärischen Ehren im Kanzleramt
Фотографија: Imago Images/M.Popow

Невообичаена сцена во вторничкото жешко попладне во Берлин, слики кои делуваа прилично драматично - канцеларката Ангела Меркел стои покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски на мал подиум покриен со црвен тепих. Во моментот кога почнува интонирањето на германската химна, канцеларката почнува да трепери. За неколку секунди целото тело почнува да ѝ се тресе. Канцеларката ги стега усните, очигледно во напор да го запре тресењето и да го задржи ставот. Химната завршува, Меркел и Зеленски може да тргнат кон построениот баталјон на Бундесверот. И, тогаш сѐ изгледа како ништо да не било. На крајот, пред да влезат во зградата на Канцлерамтот, Меркел гестикулира живо.

На прес-конференцијата потоа, прашана од новинарите како се чувствува, Меркел одговари дека се напила неколку чаши вода и дека ѝ е добро. И гостинот од Украина уверуваше: „Што се однесува до госпоѓа Меркел, јас стоев покрај неа. И, верувајте ми, таа беше сосема сигурна.“

Меркел: „Добро ми е“

Дали канцеларката има здравствени проблеми? Дали во последната деценија можеби се префорсирала? Прашањата си ги поставуваат многумина кои се запознати со нејзиниот огромен број работни часови. 

Лекарите не би сакале да даваат дијагнози оддалеку. Повеќемина од нив на прашањето на агенцијата ДПА одговараат дека нема знаци за посериозен здравствен проблем на канцеларката. Делува логичен одговорот дека тресењето е резултат на дехидрирање, вели заменик шефот на одделот за итна помош во универзитетската клиника Хамбург-Епендорф, Александер Шулце. Тресењето само по себе не мора да го вклучи алармот за загриженост, поради тоа што дехидрирање на топло време не е нешто што е нетипично. Информацијата дека по три чаши вода на канцеларката ѝ било повторно добро, укажува на краткорочни проблеми со циркулацијата, вели Шулце.

Deutschland Merkel empfängt Selenskyj mit militärischen Ehren im Kanzleramt
Пред построените војници, сѐ укажуваше на тоа дека на канцеларката ѝ е подоброФотографија: Reuters/H. Hanschke

На исто мислење е и лекарот Јакоб Бергер, раководител на баварскиот сојуз на лекари. „Ме зачуди (тресењето, н.з.), но повеќе поради тоа што госпоѓа Меркел вообичаено делува секогаш многу стабилно“, вели тој. Сепак, Бергер исклучува можност зад тресењето да се крие сериозно заболување: „За такво нешто тресењето беше прекратко. Веднаш по националната химна таа продолжи да оди нормално со украинскиот претседател.“