1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Третиот Balkan Booster посветен на екологијата

9 септември 2019

Balkan Booster на ДВ оди во трета рунда. На воркшопот во Црна Гора стана јасно: успесите од претходните години го заострија профилот на проектот на новинарско усовршување поврзано со размена на искуства и разбирање.

https://p.dw.com/p/3P5jZ
DW Projekt Balkan Booster
Учесниците во овогодишниот Balkan Booster ќе се занимаваат со еколошки темиФотографија: DW/A. Salihbegovic

21 млади новинари од десет земји на Балканот во наредните три месеци со смартфони ќе продуцираат видеа на еколошки теми од регионот, кои ќе бидат објавувани на каналите на ДВ на социјалните медиуми. До декември ќе бидат објавени најмалку 240 видеа, направени од шест тимови по двајца и три тима по тројца новинари. Годинава во фокусот се промените на климата, ситната прашина, пластиката, индустрискиот отпад, отпадните води - сите земји од регионот се исправени пред големи еколошки проблеми.

Загадениот воздух не познава граници - се дише и во Србија и во Косово. А една река во Босна и Херцеговина и Црна Гора остава ист отров во почвата во двете земји. Причините за еколошката ситуација на Балканот неретко се поврзани со познатите проблеми во регионот: немање владеење на правото, корупција, клиентелизам.

Аделхајд Фајлке, шефица на одделот Европа во ДВ, гледа голем потенцијал во изборот на овогодшните теми. „Еколошките прашања ги интересираат младите Бустеровци. Тие сакаат да укажат на проблемите и на можните решенија, притоа мотивирајќи ја својата генерација на поголем демократски ангажман.“ Балканот има безброј примери не само на потиснување на еколошките проблеми поради политичките конфликти во регионот, туку дури и на нивно влошување.

DW Projekt Balkan Booster
Заштитата на животната средина е тема која ги допира ситеФотографија: DW/A. Salihbegovic

Со ДВ на заедничко истражување

Преспанското Езеро ги поврзува Северна Македонија, Албанија и Грција. Кои се еколошките предизвици во овој случај? Како промената на климата влијае врз животот на луѓето на езерото? Со тоа ќе се соочат младите новинари од трите земји, чија перцепција почна да се менува веќе во текот на воркшопот во Херцег Нови, Црна Гора, на кој се учеше раскажување видео приказни и продукција со смартфон. „Да се запознаат млади луѓе од целиот Балкан е инспиративно искуство. Сега се чувствуваме поврзани едни со други и сфаќаме колку заеднички нешта имаме“, објаснува Лорин Кадиу од Албанија.

Тој и неговите колеги од тимот сега прават предистражувања. За Ефтерпи Музакити од Солун - искуство кое поттикнува на размислување. „Почнувам сосема поинаку да ја сфаќам улогата на Грција на Балканот. Со нашите репортажи можеме да им покажеме на луѓето на Балканот дека имаме проблеми кои и покрај недоразбирањата, мораме да ги решаваме заеднички.“ Македонецот Петар Догов додава: „Сите имаме свои методи, но можеме да учиме едни од други. Тоа нѐ прави подобри новинари и тоа искуство ќе го понесеме со себе на нашето работно место.“

Аделхајд Фајлке знае: „За нашите Бустеровци ова е патување на откритија во двојна смисла. Многумина првпат ги доживуваат соседните култури, сѐ уште оптоварени со предрасуди, и откриваат колку сличности сепак има. И, откриваат колку се важни еколошките прашања за животот и иднината во нивните татковини.“

DW Projekt Balkan Booster
На воркшопот во Црна Гора се учеше раскажување видео-приказни и продукција со смартфонФотографија: DW/J. Kastratovic

Милионска публика

По интензивниот тренинг во Црна Гора, Аида Салихбеговиќ, која го менаџира проектот, е оптимист: „Првите задачи на воркшопот беа совладани со интерес, креативност и хумор. Бустеровците покажуваат и големо чувство за тимска работа.“

Салихбеговиќ е по вторпат во тимот и се радува на развојот на проектот. „На овогодишниот воркшоп имаше и учесници од претходните години. Така во третата  Balkan Booster генерација има размена на искуства, кои младите новинари ќе ги искористат. Нивните предлози за теми покажуваат дека ги познаваат проблемите и имаат новинарски поглед каков што во регионот честопати недостига. Притоа се надополнуваат - професионално и културно.“

Од искуствата и заедничката работа на Бустеровци профитира и публиката на ДВ. Видеата ќе бидат објавени на Фејсбук страниците на различните јазици - гледачите може да тргнат на патување на македонски, албански, босански, бугарски, грчки, хрватски, романски и српски јазик. Проектот е уникатен во Европа и во 2018 година стигна до над 6 милиони ДВ-корисници.