1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумфот на Кина, последица на безглавоста на САД

Миодраг Шориќ
13 ноември 2017

Доналд Трамп стана претседател со слоганот „Америка прво". Но, во иднина, Кина би можела да биде таа која ќе го заземе првото место во светот, како економски така и политички, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2nVVK
China USA Donald Trump & Xi Jinping | Große Halle des Volkes
Фотографија: Reuters/D. Sagolj

Како само Доналд Трамп ја удираше Кина за време на изборната кампања: Пекинг веќе со години  „ги влече САД за носот", краде интелектуална сопственост каде стигне, вештачки ја држи слаба националната валута на ренминби само за да ја преплави Америка со евтини кинески производи и на тој начин да ги уништи домашните работни места. Трамп вети драстични промени. Најавуваше казнени царини против Кина за враќање на американските интереси на прво место.

Во меѓувреме, Трамп е на власт речиси една година и не е исполнето ниту едно помпезно ветување. Напротив: на својата азиска турнеја, Трамп демонстрираше одлично пријателство со кинескиот претседател Си Џинпинг. Кинескиот претседател, комплиментите на Трамп ги следи со умерена насмевка.

Што се случи со Трамп?

Американскиот претседател очигледно сфати како стојат работите во реалноста. Кинеската економија е во вртоглав раст веќе со години. Уделот на Кина во глобалниот извоз во меѓувреме изнесува 14 проценти со нагорен тренд. Американците каскаат зад Кина со 10 проценти. Американците живеат на кредит и ќе зависат од великодушноста на Кина и во иднина, кога станува збор за заемите. Со години Пекинг ги инвестираше  добивките од својот огромен трговски суфуцит во американски обвзрзници. Значи Кинезите, што се однесува до Централната банка на САД, станаа најголем доверител на САД. Ако сакаат, тие едноставно можат да го затворат протокот на пари и да ја фрлат американската економија во длабока криза. Се разбира, Пекинг нема да го стори тоа, бидејќи тоа исто така ќе ѝ наштети и на Кина. Сепак: оваа позиција е добра за самодовербата. Кога Кинезите преговараат со САД тогаш тоа е некој кој им должи пари.  Амбасадорот на Кина во Вашингтон пука од самодоверба.

Во меѓувреме, и мнозинството економисти се сигурни за ова, сè уште е само прашање на време кога Кина ќе ја преземе  од САД улогата на водечка светска економска сила. Времето работи за претседателот Си. Заканите на гласниот господин од Белата куќа не го вознемируваат.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Кинескиот претседател не дозволува да биде ставен под притисок ниту за темата Северна Кореја. Пекинг не сака промена режимот во Пјонгјанг. Зошто да овозможи да се прошири влијанието на САД во Источна Азија? Си не сака војна во овој дел од светот. Ова само може да му наштети на бизнисот. Пекинг ги предупредува Американците да се воздржат од заканите за адреса на Северна Кореја и да се фокусираат на дипломатијата и, истовремено, за овие помирувачки зборови добива пофалби од ЕУ и од Русија.

Натамошниот подем на Кина е поттикнат благодарение на многу погрешни одлуки на Доналд Трамп. Најдрастичната меѓу нив е одлуката да се напушти Договорот за слободна трговија ТПП. Овој договор првично беше замислен да ја намали кинеската супериорност во тој дел од светот. Со помош на САД, земјите како Виетнам или Јапонија сакаа да постават стандарди во областите на производството, трговијата, работничките права или заштитата на животната средина. На Кинезите немаше да им преостане ништо друго освен да се адаптираат. Но, Трамп за време на изборната кампања жестоко го напаѓаше ТПП,  така што по неговиот избор за претседател на САД  мораше да го напушти.  Кај американските сојузници во Азија оттогаш расте сомнежот во доверливоста на САД. А Пекинг задоволно ги трие рацете.

Подемот на Пекинг во светска велесила е проект кој е осмислен долгорочно. Конкурентските кинески провинции беа обединети за време на владеењето на Мао Це Тунг. Под власта на Денг Сијаопинг, започна економскиот полет. Според пресметките на Си Џингпинг, кинеската надворешна и безбедносна политика треба биде толку силна што повеќе нема да може да се донесуваат одлуки на глобално ниво без благословот на Пекинг. Трамп не може да го спречи тоа. Деновите на Вашингтон како семоќна суперсила се одбројани.