Тројца убиени во напад со нож во Вирцбург
25 јуни 2021Полицијата успеала да го совлада напаѓачот откако го ранила со огнено оружје, но тој е надвор од животна опасност. Претходно тој со нож убил три лица во центарот на Вирцбург, и повредил уште најмалку петмина.
Осомничениот е 24-годишен маж од Сомалија кој живеел во градот во покраината Баварија. Според очевидци, тој напаѓал случајни минувачи во строгиот центар на градот. Делови од градот се затворени и има големо полициско присуство, но надлежните велат дека нема опасност за граѓаните.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии кои наводно се од Вирцбург, а кои покажуваат како случајни минувачи се обидуваат да го спречат напаѓачот да избега пред пристигнувањето на полицијата заштитувајќи се со столици и палки.
Жена- очевидец на настанот за телевизијата РТЛ изјави дека слушнала истрел откако пристигнала полицијата по што тој бил совладан.
„Имаше многу голем нож со него и ги напаѓаше луѓето. Потоа многу луѓе се обидоа да фрлаат столици, чадори и мобилни телефони за да го сопрат“, изјави Јулија Рунзе.
„Потоа пристигна полицијата и мислам дека пукаа во него. Тоа јасно се слушна“.
Полицијата ги повика граѓаните да не објавуваат натамошни фотографии и видеа за да се заштити приватноста на жртвите.
Засега нема информации за можниот мотив на напаѓачот.
„Немаме никакви индикации ниту за можни други напаѓачи“, соопшти полицијата.
Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман вечерва соопшти дека напаѓачот се лекувал на психијатриска клиника, но не откри други детали.
Вирцбург е град со 127 илјади жители, на околу 100 километри североисточно од Нирнберг.
Во 2016 година, во воз во близина на железничката станица во близина на Вирцбург се случи сличен напад со секира врз недолжни граѓани при што беа тешко ранети најмалку четири лица. Напаѓачот беше 17-годишен Авганистанец, за кој постоеја сомневања за врски со Исламската држава.