1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската власт го гаѓа „Џумхуриет“

ЕМФ /агенции
31 октомври 2016

По затворањето на голем број критички медиуми, турските власти се нафрлија врз најважниот преостанат опозициски весник „Џумхуриет“. Уапсен е главниот уредник Мурат Сабунџу и четворица други новинари.

https://p.dw.com/p/2RvDD
Screenshot YouTube Murat Sabuncu
Фотографија: YouTube/MARKA Konferansı

Турското обвинителство издало налог за апсење на вкупно 14 вработени во „Џумхуриет“. Меѓу нив е и првиот човек на Управниот одбор, Акин Аталај. Се врши претрес на станови на менаџери и новинари на весникот.

Досега нема официјално образложение за причините за ваквите постапки на властите против најважниот преостанат опозициски весник во земјата. Весникот близок до владата „Јени Шафак“ на својата онлајн-страница извести дека главниот уредник на „Џумхуриет“, Мурат Сабунџу (на фотографијата), е осомничен за поврзаност со Фетула Ѓулен. Турскиот претседател Ердоган го обвини Ѓулен за обидот за пуч во земјата во јули годинава.

„Џумхуриет“ денеска напиша: „Пучот против демократијата стигна до весникот Џумхуриет.“ Весникот, инаку, во септември ја доби Алтернативната Нобелова награда. Во образложението, меѓу другото, стоеше: „Во време во кое сѐ повеќе е загрозена слободата на мислење во Турција, 'Џумхуриет' докажува дека гласот на демократијата не може да се замолчи.“

По поранешниот главен уредник на „Џумхуриет“, Џан Дундар, кој се наоѓа во Германија, е распишана потерница. Извршен е претрес на куќата на Дундар во Истанбул. Дундар во мај годинава беше осуден на повеќегодишна казна затвор поради издавање државна тајна.