1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ги налути Американците

ЕМФ / дв
20 јули 2017

САД ја критикуваат Турција поради објавувањето информации за базите на американските војници во Сирија. Вашингтон стравува дека сега тие може да станат цел на напади.

https://p.dw.com/p/2gqo4
USA Türkei Flaggen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската влада е лута поради објавувањето интерни информации за ангажманот на САД во Сирија од страна на државни медиуми во Турција. Пренесување „чувствителни воени информации“ ги изложува меѓународните трупи во Сирија на „непотребен ризик“ и ја загрозува борбата против џихадистичката милиција Исламска држава, изјави портпаролот на Пентагон, Адријан Ренкин-Геловеј. САД веќе ѝ ја пренесле на турската влада својата загриженост.

САД не можат да разјаснат кој ѝ ги дал информациите на турската агенција Анадолу, но „ние би биле многу загрижени доколку претставници на некој од сојузниците во НАТО би ги довеле целно во опасност нашите војници, со тоа што би објавиле чувствителни информации“, изјави Ерик Пеон, исто така портпарол на американското Министерството за одбрана.

Анадолу во вторникот наведе десет американски бази во северна Сирија, меѓу кои и две места за полетување и слетување на авиони. За дел од базите е дури наведен и точен број на таму стационираните американски и француски војници.

G20 Gipfel in Hamburg | Erdogan & Trump
Реџеп Таип Ердоган и Доналд Трамп на самитот на Г20 во Хамбург (07/08.07.2017)Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/Turkish Presidency

САД се долго во судир со својот партнер во НАТО - Турција. Американскиот претседател Доналд Трамп во борбата против ИД ѝ дава поддршка на сириската курдска милиција ЈПГ, меѓу другото и со оружје. Турција, пак, смета дека ЈПГ е продолжена рака на забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

Освен тоа, Американците одбиваат да го испорачаат свештеникот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кој од страна на турскиот претседател Ердоган се смета за човек кој стои зад пропаднатиот обид за пуч во 2016 година. Турција, освен тоа, е лута поради тоа што САД имаат издадено налози за апсење против неколкумина турски телохранители. Тие се обвинети за примена на насилство врз демонстранти за време на посетата на Ердоган на САД на средината од мај годинава.