1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција е на погрешен пат

Баха Гингер/превод:бг16 декември 2014

Последните апсења на новинари-критичари на режимот во Турција се големо прекршување на модерните демократски принципи. Ефективна помош може да дојде само од едно место-ЕУ, смета Баха Гингер

https://p.dw.com/p/1E5Qh
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Веќе подолго време, Турција е една од малкуте земји со амбиции за брзо членство во ЕУ. Но некогашната еуфорија за полноправно членство во ЕУ во Турција одамна е минато. Исто како и надежите на европските земји дека ќе добијат партнер кој функционира во согласност со вредностите на Унијата, партнер на кој ќе можат да се потпрат и во областите како надворешната политика, економијата и безбедноста. Пред 12 години, кога за првпат победи на изборите, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган всушност ги инспирираше европејците: во него гледаа личност која конечно ќе ги спроведе политичките и економските реформи кои неговите претходници не успеаја.

Лоши вести

Но во моментов, Ердоган генерира само негативни наслови, и дома и во странство. Особено во Европа, стравот е голем дека тој опасно ја дестабилизира Турција. Правосудството, безбедносниот апарат, медиумите, бизнисот- сите се сега организирани според желбите и целите на Ердоган. Секој кој протестира, или мисли и делува самостојно, е или суспендиран, уапсен или испратен во егзил во оддалечените региони.

Фетула Ѓулен, свештеник кој живее во егзил во САД, е на чело на големата опозициска заедница и лут непријател на Ердоган- иако долги години го придружуваше и поддржуваше. Сега тој единствено сака да го урне Ердоган од власт по секоја цена. Како и оној на Ердоган, и речникот на Ѓулен е полн со демократија, модернизација, човекови права, заштита на малцинствата... Но луѓето кои ја познаваат Турција добро знаат дека замената на Ердоган со Ѓулен би било како замена на ѓаволот со сатаната. Да се поддржат овие наводно модернизирачки цели ќе биде ново повторување на грешките кои луѓето во Турција и на Западот ги сторија кога го поддржаа Ердоган.

Deutsche Welle Türkisch Bahaeddin Güngör
Баха ГингерФотографија: DW

Турција и владеењето на правото

Сепак, не смее да се дозволи земја-членка на НАТО, земја која беше една од првите која му се приклучи на Советот на Европа и земја основач на ОЕЦД- едноставно да ги апси своите политички противници без никаква основа. Доколку членовите на опозицијата се апсат и мораат да ја докажуваат својата невиност, додека обвинителите не нудат никакви докази за кривично дело, Турција ќе ја загуби репутацијата на правна држава.
Иако оптимизмот кој Ердоган некогаш го будеше во Европа и во САД одамна се претвори во песимизам, сепак сѐ уште има шанси да се свртат нештата. Само одлучни и искрени Европејци можат да спречат Турција да се претвори во еднопартиска држава со деспотски владетел на нејзиното чело. Но главниот предуслов за тоа е кон Турција да се однесуваат искрено и кредибилно. Важните нови поглавја во преговорите за влез во ЕУ мора да бидат отворени, не смееме и натаму да ја туркаме Турција надвор од Европа.

Европа мора да помогне

Следното поглавје од преговорите би ги покривало правосудството, основните права, слободата и безбедноста- токму областите кои се толку важни за иднината на Турција. И не само за Турција. Сценариото во кое Турција, се уште само полуфункционална плуралистичка демократија, тоне во хаос, не смее ниту да се помисли. Политичкото и економското цунами кои ќе ја зафатат Европа доколку тоа се случи и заканата за нејзината безбедност, ќе бидат огромни.