1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција им го возврати царинскиот удар на САД

СН/ агенции
15 август 2018

Турција денеска ја објави одлуката за зголемување на царините за увоз на низа американски производи, придонесувајќи на тој начин за дополнителни тензии со САД кои го засилија падот на турската валута.

https://p.dw.com/p/33BQP
US-Produkte Made in America
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Турција ги удвои царините за одделни американски производи, како на пример патнички автомобили, алкохол и цигари, како одговор на, како што се вели, американските напади врз турската економија.  Одлуката е објавена во Службен весник на Турција.

Одредбата за зголемување на царините ја потпиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и таа предвидува царините да бидат двојно зголемени, така што за патничките возила ќе изнесуваат 120 насто, за алкохолните пијалоци 140, а за листовите тутун 60 отсто. Меѓу производите на кои се воведува дополнителна царина се и оризот, јагленот, товарните возила и козметиката.

Türkei Ankara Rede Erdogan
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/Turkish Presidential Palace

„Увозните царини се зголемени за одделни производи, по принцип на реципроцитет, а како одговор на намерните напади на американската администрација на нашата економија“, напиша потпретседателот на Турција, Фуат Октај, на Твитер.

Како што се наведува, влошувањето на односите со САД предизвикаа рекорден пад на турската лира, која загуби над 40 насто од својата вредност во однос на доларот годинава.

Овој потег следеше среде тензиите меѓу двете членки на НАТО сојузот поради свештеникот Ендру Бренсон кој е уапсен во Анкара поради наводните врски со терористички групи, но и поради други дипломатски проблеми.

Минатиот петок, амерканскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одобрил удвојување на тарифите на увоз на алуминиум и челик од Турција.