1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција поседува снимки од убиството на Кашоги?

ЖА / агенции
12 октомври 2018

Весникот „Вашингтон пост“ пишува дека Турција поседува снимки од убиството и касапењето на телото на новинарот Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.

https://p.dw.com/p/36Pak
Jamal Khashoggi saudischer Journalist
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Jamali

„Вашингтон пост“, за кој пишуваше и самиот Џамал Кашоги, тврди дека постојат наводно тонски и видео-снимки кои докажуваат дека исчезнатиот новинар пред една и пол недела бил убиен во саудискиот конзулат. Американскиот весник се повикува на информации од турски и американски официјални извори. Турција, наводно се двоуми околу објавувањето на снимките за да не открие на каков начин се шпионирани странските дипломатски и други претставништва во земјата. Нејасно е и дали американската страна имала пристап до доказниот материјал. Но, турската влада ги уверила претставниците на американската влада дека поседува компромитирачки снимки, кои не оставаат никаков сомнеж во тезата за убиство на новинарот, тие покажуваат како саудиски безбедносни службеници го фаќаат Кашоги, го убиваат и го касапат неговото тело.

Türkei Konsulat von Saudi-Arabien in Istanbul
Саудискиот конзулат во Истанбул - тука се губи трагата на КашогиФотографија: picture-alliance/AP Photo

59-годишниот Кашоги на 2. октомври влегол во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи за стапување во брак со својата турска свршеничка и од тој момент се води за исчезнат. Саудиска Арабија го отфрла обвинението за убиство на Кашоги, кој беше остар критичар на раководството во Ријад и ветува целосно расчистување на случајот. Кашоги пред повеќе од една година, стравувајќи од политички прогон, е во егзил во САД, каде меѓу другото пишуваше и за „Вашингтон пост“. Новинарот во основа ги поздрави воведените реформи во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, но продолжи да го критикува неговото растечко автократско владеење. 

Спротивно на пишувањето на „Вашингтон пост“,официјално Турција и Саудиска Арабија најавија заедничка истрага на случајот. Турција истовремено ја демантираше изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дадена за ТВ Фокс за учество на американски експерти во турската истрага.

Истовремено, претседателот на Комисијата за надворешни работи на Сенатот, Боб Коркер ѝ се закани на Саудиска Арабија со санкции доколку зад исчезнувањето и евентуалното убиство на Кашоги стои кралството. Претседателот Трамп, напротив, не гледа причина за прекин на деловните врски со Саудијците, сметајќи дека на тој начин тие само би ги насочиле своите пари кон Русија и Кина.