1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција се надева на германска помош за пристапот во ЕУ

АТ/ дпа3 февруари 2014

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу денеска во Берлин побара германска поддршка за патот на неговата земја кон ЕУ. Во германската престолнина се очекува и премиерот Реџеп Таип Ердоган.

https://p.dw.com/p/1B25W
Фотографија: Reuters

Турција се надева на германска поддршка за поттикнување на преговорите за пристап со ЕУ. „Ние имаме довербва во водечката улога на Германија и нејзината поддршка“, изјави шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу во Берлин пред утрешната посета на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штанјнмајер по средбата со неговиот турски колега се заложи за забрзување на преговорите со Анкара и покрај неодамнешната критика. „Вратата за Турција мора да остане отворена“, рече Штајнмајер.

Земјата од 1999 година е кандидат за влез во ЕУ. Последно, однесувањето на турската влада кон полицијата и судските органи предизвика критика во ЕУ. Имено стотици полицајци и државни обвинители, кои воделе истрага поради обвинувањата за корупција во кругови блиски до владата, беа принудно сменети од своите функции.

Штајнмајер исто така укажа на разликите меѓу Анкара и Брисел поради истрагата против корупцијата. Шефот на германската дипломатија денеска (03.02.) советуваше во преговорите за пристап да се отворат тематските области, така наречените поглавја 23 и 24, за на тој начин да би можело да се водат сериозни разговори за тоа какви се состојбите во моментов во Турција, смета Штајнамајер. Наведените поглавја ги разгледуваат темите човекови права, правда и правна држава.

Исто така и Давутоглу наведе дека отворењето на поглавјата 23 и 24 било многу важно и требало да следува паралелно со реформскиот процес во Турција.

Пристапот на Турција во ЕУ се очекува да биде една од темите на утрешната средба на премиерот Ердоган со канцеларката Ангела Меркел во Берлин, на која ќе се разговара и за граѓанската војна во Сирија и стотиците илјади бегалци во Турција. На дневен ред се и граѓаните со турско потекло кои живеат во Германија. На средбата треба да се приклучат и вицеканцеларот Зигмар Габриел и министерот за надворешни работи Штајнмајер. Утревечер во Берлин се очекува Ердоган да одржи говор пред повеќе илјади свои сонародници.