1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиство како средство за притисок

Хилал Којлу
24 октомври 2018

Односот на Турција и Саудиска Арабија е засенет од убиството на Кашоги. Расчистувањето на случајот зависи многу од замрсените односи на моќ на Блискиот Исток, оценуваат експертите.

https://p.dw.com/p/3750w
Saudi-Arabien Reccep Erdogan & König Salman bin Abdulaziz Al Saud
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и саудискиот крал Салман бин Абдулазис Ал Сауд во Џеда (23.07.2017)Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/Turkish Presidency/Y. Bulbul

Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги отвори нова ера во односите на Турција со Саудиска Арабија. Анкара досега се трудеше да води политика на урамнотеженост меѓу сунитско-исламското движење Муслимански браќа од една страна и вахабистички одбележаната Саудиска Арабија од друга страна. Од убиството на Кашоги, Анкара кон Саудиска Арабија зазема значително покритички став.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека од саудиското раководство очекува расчистување на случајот. Нема да се запре со следење на случајот и со интензивирање на истрагата, рече Ердоган. Поранешниот турскиот министер за надворешни работи Јашар Јакиш од партијата на Ердоган, АКП, објасни дека убиството на Кашоги не е единствена причина за јасните зборови. Зад нив се крие Ердогановата политика кон Ријад.

Односите меѓу Муслимански браќа и Турција

Важен фактор во односите меѓу Турција и Саудиска Арабија е односот на Турција кон Муслиманските браќа, едно од најважните политички движења во арапскиот свет, кое има корени во Египет. Не е тајна дека односите на Турција со сунитските Муслимански браќа не ѝ се допаѓаат на Саудиска Арабија. Турција, и покрај тоа, се обидува да ги одржи своите односи со Муслимански браќа и со Иран, и тоа дури и кога замрсените односи на Блискиот Исток тоа го отежнуваат, објаснува Јакиш.

Yasar Yakis ehemaliger Außenminister der Türkei
Јашар ЈакишФотографија: privat

Тој потсетува дека Саудиска Арабија како одговор на односот на Турција, дејствува заедно со Израел. Освен тоа, Ријад, кој е во војна со Муслимански браќа, соработува со Курдите - особено во Сирија.

„Курдите се најблиските сојузници на САД кои во Сирија се борат против Исламска држава. Курдите последно добија оружје во вредност од 200 милиони долари. Парите за таа цел ги даде саудиското раководство, а оружјето е од САД“, вели Јакиш. Анкара, продолжува тој, била многу лута поради помошта со оружје за Курдите.

Во вакви услови и односи, Ердоган го искористи убиството на Кашоги за да води преговори со Саудиска Арабија. Ердоган испрати порака до саудиското раководство: „И јас имам работи в џеб кои нема да ви се допаднат“, објаснува Јакиш. Сепак, Ердоган не ги соопшти сите информации кои ги има за убиството на Кашоги. Јакиш смета дека преговорите на Анкара со Ријад ќе потраат уште малку.

Длабоко неединство

Зад преговорите меѓу Турција и Саудиска Арабија стои и претпоставката дека Турција сака да игра водечка улога во арапскиот свет. Саудискиот принц престолонаследник, Мохамед бин Салман, не така одамна се жалеше поради тоа. На почетокот на 2018 година, при посетата на Египет, тој ја обвини Турција дека ги поддржува Иран и некои исламистички организации. Освен тоа, тој рече дека Турција ќе се обидела повторно да воведе калифат во арапскиот свет.

Journalist Jamal Khashoggi
Неговото убиство е причина за поместувања на во односите: Џамал КашогиФотографија: picture-alliance/AA/O. Shagaleh

Бурак Билгехан Озпек, политиколог на економскиот и технички универзитет во Анкара - ТОББ, укажува дека Турција досега речиси никако не реагирала на ваквите обвинувања од Саудиска Арабија. Турција последно ја критикуваше остро Саудиска Арабија што со уште неколку арапски земји воведе економско ембарго против Катар во 2017 година. Турција, од една страна, му даваше поддршка на Катар во борбата против ембаргото, а од друга страна се обидуваше истовремено да го одржи во граници судирот со Саудиска Арабија.

Според Озпек, убиството на Кашоги повторно ја поттикна студената војна помеѓу Анкара и Ријад. Тој смета дека Анкара ќе го зголемува и натаму притисокот врз Ријад. Доколку Саудиска Арабија ја промени својата политика кон Турција, тензиите би можеле повторно да се намалуваат, вели Озпек. Тој, сепак, нема големи надежи за расчистување на случајот Кашоги. „Турција се однесува како да го има овој случај под контрола. Таа поттикнува очекувања за транспарентно расчистување на случајот. Но, времето ќе покаже како тие очекувања ќе се остварат.“ Досега ништо не е расчистено, нагласува Озпек.