Убиството на новинарот Шеремет ја шокираше Украина
21 јули 2016
Убиството се случи во центарот на Киев, рано утрото, кога Павел Шеремет возел кон работното место. Случаен минувач се обиде да го извлече 44-годишниот новинар од возилото по експлозијата, но Шеремет почина на лице место. Никогаш досега новинар не бил убиен на овој начин во Украина. Неговите колеги се вознемирени, а политичарите и обичните граѓани се ужаснати и шокирани од убиството. Загриженост доаѓа и од надвор. Претставничката ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ повика на итна истрага за убиството, исто како и Репортери без граници.
„Важно е украинските власти многу брзо да го истражат случајот, целосно и независно. За жал, тоа не беше секогаш случај во минатото“, вели Кристофер Дејер од Репортери без граници за ДВ.
Шеремет, кој е руски државјанин, долго живееше во Украина и ѝ беше познат на пошироката јавност. Пишуваше блог-текстови за популарниот онлајн весник Украинска правда, модерираше радио емисии и беше чест гостин на политички дебати. Беше вистински професионалец, а неговите настапи без воздржани- никогаш не се занимаваше со скандали- напротив, од неодамна започна да обучува и тренира млади новинари. Неговите колеги се прашуваат зошто токму тој би бил цел на ваков напад. Неговото минато можеби нуди некои одговори.
Критичар на Лукашенко
Шеремет беше голем критичар на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Во Белорусија, каде што беше роден, го формираше и интернет-порталот Белоруски партизан, кој беше критичен кон владата. Во средата, опозицискиот белоруски политичар Павел Знавец објави на својот блог дека белоруските тајни служби се веројатно одговорни за смртта на Шеремет.
Во 2013 Шеремет стана модератор на политичка емисија во ноформираната руска телевизија ОТР. Но, веќе во 2014, откако остро ја критикуваше руската окупација на Крим, телевизијата беше затрупана со поплаки.
„Анексијата на Крим и поддршката на сепаратистите во Источна Украина ги сметам за крвава авантура и фатална политичка грешка на Русија“, напиша Шеремет на својата Фејсбук страница најавувајќи заминување од телевизијата.
Која беше вистинската мета на нападот?
Шеремет никогаш не престана да ја критикува Русија, дури и кога се пресели во Киев. „Целта на Путин е да ја освои цела Украина“, изјавуваше при своите настапи. Шеремет важеше и за близок пријател на убиениот руски опозиционер Борис Немцов.
Полицијата не ја исклучува можноста дека Шеремет бил убиен по грешка, и дека вистинската цел на нападот била неговата девојка, Олена Притула. Таа беше еден од основачите на Украинска правда и до неодамна беше главен уредник на весникот. Шеремет го возел нејзиниот автомобил. Украинската влада и понуди заштита на Притула.
Нападите врз новинари не беа невообичаени во првата деценија од независноста на Украина. Многумина беа киднапирани и добиваа закани, а некои беа и убивани. Но потоа настапи долг период на мир. Новинарите повторно станаа мета на закани по анексијата на Крим и почетокот на војната во Источна Украина. Неодамна, про-рускиот издавач Олес Бузина беше убиен во Киев, во април 2015.