Денот кој ја промени борбата против мафијата
23 мај 2022Експлозијата, која одекна на автопатот во близина на Палермо во 17:56 часот на 23 мај 1992, ја потресе цела Италија, но го сигнализираше и почетокот на крајот на мафијата во земјата.
Анти-мафијашкиот обвинител Фалконе, неговата сопруга и тројца членови на полициската придружба беа убиени. Мафијата поставила 500 килограми ТНТ експлозив и амониум нитрат во тунел под автопатот, кој го поврзува аеродромот со центарот на Палермо. Фалконе, кој управувал со својата Фиат Крома, се враќал од Рим.
На набљудувачко место на ридот над патот, мафијаш познат под прекарот „Свињата“ го притиснал копчето на далечинскиот управувач додека минувал конвојот од три возила.
Првиот автомобил од конвојот бил исфрлен неколку стотина метри од силината на експлозијата. Тројцата полицајци во него загинале на лице место.
Фалконе, чија сопруга била на совозачкото место, прикочил неколку секунди пред експлозијата и автомобилот удрил во бетонски ѕид. Неговиот возач, кој седел позади, го преживеа нападот, како и тројцата агенти во последниот автомобил. На местото на нападот денес се наоѓа „градина на сеќавањата“. Маслото од маслиновите дрвја кои растат на тоа место се користи од сицилијанските цркви за помазание на децата за време на крштевки.
Закана за мафијата
Фалконе беше голема опасноста за Коза Ностра, мафијашката структура која досегала до врвот на моќта во Италија. Токму Фалконе собра доказите од мафијашките информатори за првото големо судење во кое беа осудени стотици мафијаши во 1987 година. Во моментот кога се случи нападот, тој го предводеше одделот за кривични дела во министерството за правда во Рим и работеше на новиот пакет анти-мафијашки закони.
Неговото убиство ја разбуди нацијата. Водечките дневни весници зборуваа за „мафијашки масакр“, а илјадници луѓе излегоа на протести во Палермо.
- Мафијата работи и натаму, но поинаку
Сите очи се свртеа кон неговиот колега и пријател, анти-мафијашкиот борец Паоло Борсалино, кој во едно интервју таа година веќе предупреди дека се соочува со огромни закани по неговиот живот.
На 19 јули, само 57 дена откако беше убиен неговиот пријател Фалконе, и Борсалино загина во напад со автомобил-бомба, со уште пет членови на придружбата. Преживеа само возачот.
Државата потоа фрли се во потрагата по шефот на Коза Ностра, Салваторе (Тото) Ријна, кој беше вмешан во десетици убиства во последните 20 години. Ријна беше уапсен на 15 јануари, 1993 година во Палермо.
Почеток на крајот
Убиствата на Фалконе и Борселино „на долг рок се покажаа како многу лоша одлука на Коза Ностра, чие раководство беше обезглавено со апсења и признанија на информанти“, вели Винченцо Черузо, автор на повеќе книги за мафијата. Десетици луѓе беа осудени за нивната улога во убиствата.
Но за дел од упатените, остануваат многу неразјаснети прашања околу убиствата на обвинителите.
Анти-мафијашкио судија во Катанија, Роберто ди Бела, вели дека иако „мнозинството сторители биле уапсени и осудени“ останал „недоразјаснет дел“. Преживеаните инсистираат дека недостасуваат коцки во мозаикот и упатуваат на тврдењето на Фалконе за „можни врски меѓу лидерите на Коза Ностра и прикриени центри на моќ“.
„Се уште не ја знаеме вистината за тоа кој навистина го нарача убиството на Џовани Фалконе, затоа што не верувам дека игнорантни ликови како Тото Ријна можеле да организираат таков софистициран напад“, вели Анџело Корбо, еден од преживеаните телохранители. Тој вели дека не е единствениот кој верува дека меѓу мафијашите имало „луѓе во костуми и вратоврски“.
Сепак, отворањето истрага за можните „тајни налогодавци“ на нападот беше отфрлено во 2013 година.
„Нема докази за постоење на надворешни поддржувачи. Нема сомнение дека ова се дела на мафијата“, вели писателот Черузо.