Украина во ќорсокак
17 февруари 2016
Арсениј Јацењук требаше да замине. Но, украинскиот премиер политички го преживеа гласањето за недоверба во парламентот. Тој може да продолжи како и досега бидејќи има поддршка од својата партија. Но и покрај тоа, тој е товар за неа. Јацењук нема мнозинство во рамките на коалицијата. Дури и украинскиот претседател Порошенко, кој за време на владината криза долго се држеше на страна, на крајот побара оставка од Јацењук.
Веројатно по гласањето за недоверба ќе следува и реконструкција на владата. Прашање е дали тоа навистина ќе ја врати политичката доверба, за луѓето во Украина да поверуваат во живот без мито и корупција.
Монета за поткусурување
Јацењук стана монета за поткусурување. Нема мнозинство за негова смена, но ни поддршка во парламентот за него како премиер. Начинот на кој гласаше опозицијата е циничен и деструктивен. Опозициските партии ги блокираат реформските пакети на владата, а потоа не сакаат да гласаат за смена на премиерот.
Политиката во Киев заглави меѓу интересните групи. На земјата итно и е потребен нов почеток. Сега најпрво мора да се соберат искршените парчиња. Довербата во реформскиот потенцијал на Украина драстично се намали и во земјата и во странство. Дури е под сомнеж и генералната способност на земјата да се реформира.
Отсуство на политичка волја
Билансот на досегашните реформи е обесхрабрувачки. Две години по бунтот против корумпираниот режим на поранешниот претседател Јанукович и против владеењето на олигарсите, во Украина и натаму невидливи раце ги влечат сите конци. Очигледно бизнисмените и политичарите коваат планови како за сопствени, приватни интереси да ги искористат промените во државата. Тоа е една од причините за разводнувањето и забавувањето на реформските закони во парламентот.
Отсуството на политичка волја за реформи ги опфаќа практично сите украински структури. Владата на Јацењук сепак наметна некои промени. На пример, реформата на сообраќајната полиција, на банкарскиот и на енергетскиот сектор. Но, резултатите од тие, неодамна усвоени мерки едвај се мерливи. Особено тоа се однесува на антикорупциската институција која поради политичкото двоумење досега само делумно почна со работа.
Се уште недостасуваат промени во клучните области- правосудството, особено во изборот на судии и државни обвинители. Освен тоа, парламентот ги блокира реформите во даночниот систем, а дојде и до застој во планираната приватизација.
Како да се врати довербата?
ЕУ и САД се уште политички, но и финансиски ги поддржуваат реформските процеси во Киев. Тие партнери, но и луѓето во Украина, очекуваат итно отстранување на корумпираните структури. Украина, меѓутоа, се наоѓа во владина криза. Јацењук можеби доби мнозинство во гласањето, но тој едвај е во состојба да делува како премиер.
Но претседателот Петро Порошенко е политички ослабен. Само дел од неговата партија го следеше повикот за смена на Јацењук. И самиот Порошенко сѐ почесто е изложен на критики дека недоволно ги поттикнува реформите. А со Јацењук сега и дефинитивно се разијде. Двајцата политичари сносат најголема одговорност за остварувањето на реформските ветувања во Украина. Западот нема да им попушта. Изгубената доверба мора да се врати, а тоа нема да биде лесно.