1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина го прослави Денот на независноста со воена парада

ЕМФ/АТ/ртр/дпа/дв24 август 2014

Украина денеска (24.08) ја прославува 23-годишнината од својата независност. Во Киев се одржа воена парада.

https://p.dw.com/p/1CztW
Фотографија: Reuters

На воената парада во главниот град на Украина учествуваа најмалку 1500 војници, проследени со оклопни возила и камиони со ракетни системи. Во кусиот говор, украинскиот претседател Петро Порошенко рече дека земјата не сака војна. „Ние сакаме мир!“, нагласи тој.

Воената парада, во близина на плоштадот Мајдан, каде во текот на зимата имаше демонстрации за интеграција на земјата во Европа, ја следеа голем број граѓани. Улицата Крешчатик е свечено украсена во сино и бело, боите на нацијата. На парадата во Киев се гледа како на демонстрација на сила во конфликтот на прозападната влада и проруските сепаратисти.

Парадата, поради крвавите борби на истокот на земјата во време на финансиска криза не е неспорна. Но, се работи за „гест на поддршка на нашите единици кои се борат на исток“, а не за победничка парада, изјави Андреј Лисенко од Советот за безбедност на Украина.

Воена парада е планирана и во пристанишниот град Одеса. Во меѓувреме, во тешки борби во Доњецк од гранати е оштетена една болница и една мртовечница во градот. Засега нема податоци за жртви. Сепаратистите соопштија дека во контраофназива опколиле околу 5000 припадници на украинската армија и 30 тенкови, но засега нема потврда за такво нешто од независни извори.

Ukraine Unabhängigkeitstag 24.08.2014
Петро Порошенко вети помош од 2,2 милијарди евра за вооружување на армијата во наредните неколку годиниФотографија: Reuters

Вчера, германската канцеларка Ангела Меркел во Киев побара „двостран прекин на огнот“ за да се стави крај на конфликтот во Украина. По средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко, Меркел рече: „Територијалниот интегритет и добробитта на Украина се суштествената цел на германската политика“.

Сепаратистите изведоа заробени војници во центарот на Доњецк

Проруските сепаратисти денеска принудија воени заробеници од редовите на владините трупи да маршираат низ источноукраинскиот град Доњецк. Во цинична „парада“ сепаратистите во источна Украина јавно спроведоа 50 заробени владини војници. Заврзаните и видливо преплашени мажи од граѓаните во седиштето на бунтовнциите биле гаѓани со јајца и пластични шишиња, информира денеска украинскиот интернет портал „Остро“. Агенцијата Ројтерс пренесе дека тие оделе со спуштени глави и од толпата луѓе биле навредувани како „фашисти“. Бунтовниците кои со себе имале и вучјаци им се заканувале на заробените со бајонети.

Претходно, сепаратистите на централниот плоштат Ленин покажале и уништена воена опрема, повеќе изгорени оклопни возила и камиони на армијата.

Јавното изнесување на воени заробеници и натаму се презира и изречно е забрането со Женевската конвенција од 1949 година.