Украина: Чекајќи на враќање дома
7 август 2014Градот Харков во североисточна Украина. Еден топол летен ден на клупите седат луѓе, а на нивните лица е испишан страв за нивната егзистенција. Тие избегале од Источна Украина, каде веќе со недели се водат борби меѓу сепаратистите и украинската војска. Еден лекар од Луганск, кој избегал во Харков со жената и детето, за германската телевизија ВДР вели: „Од 450.000 жители останаа одвај околу 80.000. Чекаме овде додека градот да биде ослободен, потоа ќе се вратиме и повторно ќе ги градиме улиците“.
Семејството живее далеку од својот дом од крајот на јуни. Слично е и со илјадници други нивни сограѓани. Организацијата на ОН за бегалци, УНЦХР, проценува-во границите на Украина во бегство се над 117.000 луѓе. Дополнително, според проценките, до 1 август во Русија избегале околу 168.000 луѓе, но најголем дел од нив таму очигледно немаат бегалски статус.
Многумина остануваат во граничниот регион
Според руски наводи, мнозинството од протераните побарало дозвола за ограничен престој. Околу 20.000 Украинци дури побарале и руско државјанство. Руските информации велат дека од почетокот на конфликтот во Украина, бројот на Украинци кои стигнале во Русија е многу поголем. Службата за бегалци регистрирала доаѓање на 168.000 бегалци, но проценува дека од почетокот на годината, благодарение на програмата за безвизен режим, во Русија се стигнати околу 730.000 Украинци. Ден Мекнортон од УНЦХР за Дојче веле појаснува: „Тие сите не се бегалци, туку луѓе кои ја напуштаат татковината зашто некаде на друго место се чувствуваат побезбедни. Тешко е да се изврши проверка на бројките, некои од Украинците едноставно патуваат“.
Најголем дел од избеганите Украинци, околу 80 проценти, според податоците на УНЦХР, останува во пограничниот регион. Некои посетуваат роднини и пријатели во други делови на Русија. Моментно во руските бегалски логори има околу 42.000 бегалци.
Дома веќе не е безбедно, вели и Џон Гинг од Службата на ОН за координација на хуманитарните активности:
„Околу 3,9 милиони луѓе живеат во области кои се директно погодени од насилните воени судири“.
Оние кои остануваат таму се се‘ позагрозени, зашто борбите полека се преместуваат во густо населените региони. ОН се обидуваат да ги заштитат луѓето. Според извештај на Светската здравствена организација, од средината на април во завојуваните области во Источна Украина загинале најмалку 1300 лица, а над 4.000 се ранети.
Страв од репресии во татковината
Многумина Украинци се плашат поради својата политичка ориентација или својата етничка припадност.
„Сепаратистите крадат автомобили и ограбуваат банки, едноставно убиваат луѓе“, тврди еден млад човек од Луганск, кој се засолнил во Харков.
„Тие со чекан на еден мој другар му ги скршија колената. Поради тоа избегавме“, вели тој за ВДР. Овој човек, како и многумина други кои се во бегство во границите на земјата, живее кај свои пријатели. Дел живеат кај роднини, а некои изнајмуваат свои станови.
„Барањето сместувалиште е најголемиот проблем за луѓето кои ги напуштаат домовите во Источна Украина“, истакнува Ден Мекнортон од УНЦХР.
Податоците на оваа организација велат-девет од десет бегалци кои остануваат во границите на Украина, потекнуваат од регионите Доњецк и Луганск, а околу 15.000 луѓе избегале од Крим по анектирањето на украинскиот полуостров од страна на Русија. УНЦХР бара од владата во Киев да воведе централен регистер за прогонетите. Непостоењето систематски и единствен систем ја отежнува координацијата и примената на мерките за помош. Освен тоа,многу важно е украинските власти да извршат подготовка за зимата. Најголем дел од сегашните сместувалишта на луѓето во бегство не се погодни за студените месеци.
Штетите од војната-оптоварување за луѓето
Од почетокот на јули околу 20.00 луѓе се вратиле во градот Славјанск, каде контролата повторно ја презеде украинската армија. Но, инфраструктурата во многу региони е оштетена поради борбите. Мекнортон потенцира: „Проблем е првенствено водата за пиење, зашто многу куќи и објекти се уништени“. Освен тоа, многумина немаат пари, зашто банкоматите веќе не функционираат.“
УНЦХР на повратниците им стави на располагање производи за хигиена и кујнска опрема, за да го олесни секојдневниот живот по враќањето. Но тоа, истакнува МекНортон, може да биде само почеток: „Итно е потребно постигнување политичко решение за Источна Украина. Само така ќе постигнеме намалување на бројот бегалци“.