1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина јавува за нови напади врз опколената челичарница

ЖА
5 мај 2022

Русија претходно вети прекин на огнот и најави воспоставување хуманитарни коридори, но Украина јавува за нови копнени и воздушни напади врз последното упориште на бранителите на Мариупол

https://p.dw.com/p/4Aqfb
Rauch über dem Stahlwerk von Azovstal in Mariupol
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Украинската војска јави дека се во тек нови обиди на руските трупи за

освојување на фабриката за челик  Азовстал во украинскиот пристанишен град  Мариупол.

„Со поддршка од воена авијација, противниците ги обновија нападите со цел да ја стават челичарницата под своја контрола“, соопшти украинскиот Генералштаб во денешниот утрински билтен за состојбата на боиштата.

Во објектите на  Азовстал,  покрај украински борци, според проценките се наоѓаат засолнати и уште околу 200 цивили. За следните денови Русија најави секојдневен, на временски период од неколку часа ограничен прекин на огнот, со цел луѓето да бидат пренесени на безбедно место.

Евакуација од челичарницата во Мариупол

Руското Министерство за одбрана претходно вети молк на оружјето – денеска, утре и в сабота од 8 до 18 часот по локално време е предвидено воспоставување на т.н. бегалски коридори.

Оружјето не мирува ни во други места во Украина: од повеќе градови во Донбас локалните власти испратиле извештаи за бројни загинати и ранети меѓу цивилното население.

„Во ракетен напад во Краматорск има 25 ранети, оштетени се 9 станбени објекти, училиште и друга цивилна инфраструктура“, соопшти раководителот на воената управа на областа Доњецк, Павло Кириленко на неговиот канал на Телеграм.

Гувернерот од исто така жестоко завојуваниот регион Луганск, Сергиј Хајдај, јавува за најмалку пет загинати како последица на гранатирањето на градовите Сјевердоњецк, Лисичанк, Хирске и Попасна. И таму се погодени станбени објекти и е оштетена инфраструктурата.