1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Украина ја доближува Македонија кон НАТО

Катерина Блажевска26 март 2014

Средбата на медијаторот Нимиц со преговарачите на Скопје и Атина е директно предизвикана од настаните во Украина и треба да го забрза процесот на преговори до Самитот на НАТО во септември, оценуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1BVng
Фотографија: MIA

Вниманието на македонската и грчката јавност денеска со голем интерес е свртено кон Њујорк. Која е причината што посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, закажа средба со македонскиот и грчкиот преговарач, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, во време на изборна кампања во Македонија, период што се смета за нетипичен, па дури и политички некоректен за ваков тип разговори? Последните вакви разговори се одржаа при крајот на октомври минатата година, по што Нимиц истакна дека меѓу двете страни се‘ уште има големи разлики по ова прашање. По првичното изненадување од новата средба, грчките медиуми излегоа со различни коментари: дека средбите се одржуваат „колку да не се заборави дека постојат преговори“ или дека „ова е невозможно време за отстапки“ - поради априлските избори во Македонија и мајските локални и евроизбори во Грција. Грчките аналитичари сметаат дека Нимиц само се обидува да ги предупреди двете страни да не ги користат изборните кампањи за да додаваат сол на отворена рана. Според аналитичарот на „Катимерини“ за надворешна политика, Ставрос Ѕимас, нов развој на настаните би можел евентуално да се случи пред септември, во пресрет на Самитот на НАТО, па сега се прават обиди тоа да не биде загрозено од можна негативна клима која би се создала за спорот за името во време на избори. Со тоа, според него, се превенира опасноста грчката и македонската страна да се заплеткаат со изборни 'патриотски ветувања' за името, од кои потоа не ќе можат да се отплеткаат ако се дојде до можност за компромис. Генерално, мислењата во Грција се дека потегот на Нимиц не е изнуден од кризата во Украина, бидејќи меѓународната заедница не е толку ажурна во затворањето на сите проблеми кои би се нашле под влијание на оваа криза.

Многу сигнали

За разлика од грчките, македонските аналитичари сметаат дека средбата кај Нимиц е директно предизвикана од настаните во Украина. Во реактивирањето на разговорите за името тие гледаат начин како да се забрза процесот на преговори до Самитот на НАТО во септември. Таквиот впечаток им го засилуваат и неколку последователни изјави, меѓу кои и онаа на Генералниот секретар на НАТО во заминување, Андерс Фог Расмусен.

„Однесувањето на Русија нема да се одрази на нашата политика на отворени врати. Вратите на НАТО остануваат отворени“, изјави Расмусен, додавајќи дека Алијансата може да ги покани европските демократии да се приклучат, доколку ги исполнуваат потребните услови. Македонија требаше да стане членка на НАТО уште во 2008. година, но иако ги исполни условите, поради непостоење на консензус кај земјите-членки поради спорот за името, остана надвор од Алијансата. Токму поради таквата блокада, американскиот конгресмен Адам Кинзинџер, еден од 40-те потписници на писмото за поддршка на приемот на Македонија во НАТО, побара Алијансата да ја разгледа можноста за носење одлуки без согласност на една земја членка.

„Мислам дека во НАТО треба да има дебата околу начинот на носење одлуки. Честопати сум исфрустриран кога гледам дека од 28 сојузници, една земја членка ќе блокира одлуки и не‘ спречува да одиме напред, вклучително и во проширувањето на НАТО. Проблем е што е потребен консензус и за да се прифати носењето на одлуки по принципот 28 минус еден. Ова ќе биде тешко да се усвои, но јас ја поддржувам таа идеја, бидејќи НАТО мора да биде флексибилен, а сега за жал поради тесните интереси на некои држави премногу наликува на Обединетите нации“, изјави Кинзинџер.

На неодамнешниот форум „НАТО во транзиција“ што се одржа во Брисел, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, замолен од Расмунсен да даде некои совети, порача: „Сметам дека се‘ уште е можно Република Македонија да стане членка на НАТО, бидејќи е совршено квалификувана да го направи тоа“. Еден ден претходно, таква изјава даде и Кристофер Хил, поранешен амбасадор на САД во Македонија и заменик помошник-државен секретар на САД за источноазиски и пацифички прашања.

„Ситуцијата на Крим ја зголеми напнатоста Исток-Запад. Тешко е да се каже дали ова е повторно создавање на Студената војна, но секако мислам дека треба да се посвети поголемо внимание на источното крило на НАТО, а особено треба да се врати вниманието на ситуацијата на Балканот. Отсекогаш сум верувал дека Македонија, која се однесува како НАТО-земја, треба и да биде прифатена како таква“, одговори Хил, на прашањето дали кризата со Крим ќе го забрза процесот на проширување на НАТО.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Оптимизам во Македонија

Настаните во Крим и ваквите изјави, во Македонија ги зголемија очекувањата дека меѓународната заедница ќе ги преиспита позициите за членство на Македонија во Алијансата. Во тоа е уверен и поранешниот премиер Владо Бучковски.
„Според мене, има сериозна иницијатива за изнаоѓање на модалитет како Македонија да биде примена во НАТО на есенскиот самит во Британија. Преговорите среде кампања се исклучок од правилото дека за името не се преговара за време на изборна кампања. Исклучокот се прави заради кусите термини до самитот на НАТО. Ова придвижување на процесот дефинитивно е изнудено од украинската криза“, категоричен е Бучковски.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во домашната јавност, нема дилеми дека случувањата во Украина провоцираат директно престројување на Алијансата. Нано Ружин, кој во два мандата беше македонски амбасадор во НАТО, смета дека поради настаните во Украина и големиот геополитички стрес, се зголемува вниманието за настаните во регионот на Балканот.

„На овој начин се актуелизира и значењето на Република Македонија како 'вечен' аспирант за членство во Алијансата. Како држава раскрсница на коридорите 8 и 10, чија териоторија е дисконтинуитет меѓу геополитичкиот простор на две членки на Алијансата - Албанија и Бугарија, и како држава која граничи со проруски ориентираната Србија, Република Македонија станува интересна за полноправно членство во НАТО и тоа во многу брз термин. Малиот балкански биг-банк може да се случи веќе на наредниот Самит во Обединетото кралство, каде истовремено би биле примени заедно со Црна Гора, а статус на МАП-нација (Акционен план за членство) би добила Грузија, а можеби и Молдавија. Единствена пречка за Македонија е проблемот со името, а серијата пораки од Конгресот на САД, Робертсон, Хил, како и иницијативата Нимиц за продолжување на преговорите во полна изборна кампања во Македонија и Грција, само ја потврдуваат таквата хипотеза. Сега на Македонија и‘ е потребна поголема раздвиженост на дипломатскиот апарат во Брисел, Вашингтон и другите дипломатски центри за да се анимира оваа можност“, вели Ружин.

Според него, можно е да се повтори искуството од Самитот во Прага во 2002. година, кога по терористичките напади од 11 септември 2001. година, седум држави добија покани за отпочнување на преговорите за членство.

„Доколку тоа го наметне геополитичкиот императив, Македонија може да добие покана и на обична седница на Северно-атлантскиот совет, согласно со завршното комунике од Самитот во Букурешт 2008. Од тој момент би имале пристап во 80 отсто од комитетите на Алијансата. Имено, во услови на брзање на меѓународната заедница, можно е да бидеме примени и под референцата ФИРОМ. Тоа според мене e и најверојатната формула за брз прием на Македонија во НАТО“, констатира Ружин.

Македонската јавност наскоро очекува одговор зошто е ургентна средбата на преговорачите со Нимиц. Повеќето од аналитичарите се согласни дека таа средба нема да влијае ни негативно ни позитивно на изборната кампања. Она што е нејасно, е како ќе влијае отсуството на официјален македонски став по прашањето за кризата во Украина и настаните со Крим. Самитот на НАТО ќе се одржи во септември годинава во Велс, Велика Британија, а проширувањето на Алијансата ќе биде една од темите на агендата. Аналитичарите прогнозираат дека денешната средба кај Нимиц е само „почеток“ и дека комуникацијата ќе се интензивира помеѓу јуни и септември, со цел да се најдат нови начини за решавање на спорот за името, а со тоа и за членство на земјата во евроатланските структури.