1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ги научи ли ЕУ лекциите од проширувањето?

Никола Димитров
21 март 2022

Во овој пресвртен момент за континентот, ЕУ мора повторно да ја види големата слика, да делува стратешки и да го третира проширувањето сериозно. Пишува Никола Димитров

https://p.dw.com/p/48mXg
Никола Димитров
Никола Димитров е поранешен вицепремиер и министер за надворешни работиФотографија: Imago/A. Parsons

Бруталниот напад на претседателот Путин врз Украина ја промени Европа буквално преку ноќ. Незамисливото стана возможно, децениски табуа се прекршија за неколку денови. Од воведувањето на досега најригорозни санкции врз агресорот од страна на ЕУ, до финансиска поддршка на земјите членки за испорака на воена опрема на жртвата за прв пат во историјата. Во Германија, промените на политиките се навистина тектонски: испорака на оружје за Украина, запрен гасоводот Северен тек 2, најавено зголемување на одбранбените трошоци над прагот на НАТО од 2% од БДП, како и еднократен фонд за модернизирање на германската армија во износ од 100 милијарди евра.

Со тоталната војна против Украина, суверена европска држава, без никаква провокација, Путин го нападна европското безбедносно уредување. Тој го обедини континентот, го направи НАТО порелевантно од било кога, не оставајќи воопшто простор за поспана пасивност. Европа е будна, и` помага на Украина и забрзано презема мерки за да може да се брани.  

Но, Европа е во центарот на оваа војна не само во географска смисла. Без разлика на сите дебати за ширењето на НАТО, токму меката моќ на Европа ја инспирираше Украина што потоа го загрижи Путин до таа мера што тој одлучи да го анектира Крим и да го окупира Донбас. Мајдан беше триумф на привлечната моќ на европските вредности. Протестите беа буквално реакција на одлуката да не се потпише Договорот за асоцијација со ЕУ и резултираа со падот на Јанукович кој тогаш се одлучи за поблиски односи со Русија. Тие беа колективен крик за тоа што Европа го претставува, за европската приказна. Копнеејќи по слобода, демократија, добро владеење, правда и просперитет, Украинците на плоштадот во Киев ги издржаа студот, заканите и снајперите. Народот на Украина го третира европскиот наратив многу сериозно. А една европска, демократска и просперитетна Украина, ако стане реалност, може исто така да биде инспирација за поголемиот сосед и опасност за авторитарниот режим на Путин. 

Отфрлено вазалство 

Украина денес се бори за многу повеќе од обично преживување. Ако му дозволи на Путин да инсталира свој вазал во Киев, тоа ќе овозможи голо преживување на нацијата. Но, тоа не е опција, бидејќи Украинците херојски се борат за својата слобода и демократија, за правото сами да ја изберат својата судбина. Тие сакаат да бидат еднаков член на европското семејство. Кога Зеленски вели дека Украинците се борат и гинат за Европа, тој тоа навистина го мисли. 

Постапувајќи по апликацијата на Украина за членство во ЕУ поднесена на 28 февруари, Европскиот совет веќе побара мислење од Комисијата, потенцирајќи дека Украина му припаѓа на европското семејство. Засега оди добро. Давање кандидатски статус на Украина е сигнал што треба да се испрати без одлагање. 

Ukraine Präsident Selenskyj unterzeichnet  Antrag auf Mitgliedschaft  in EU
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со апликацијата за членство во ЕУФотографија: Office of the President of Ukraine

Но, Украинците ги чека огромно разочарување ако ЕУ најбрзо можно не ги научи лекциите од неуспехот на процесот на проширување во Западниот Балкан, регион кој доби ветување за својата европска иднина уште во 2003 година. Со целосно разбирање за барањето на Зеленски за забрзано членство, ритамот на интеграцијата неизбежно ќе зависи од брзината на трансформација на украинското општество, штом заврши војната. Поголемото прашање во оваа смисла не е толку брзината на процесот, туку дали воопшто членството во ЕУ е возможно. 

Денес, овој процес на хартија базиран на перформанси тешко дека ги наградува реформаторите; нема санкции за тие кои назадуваат поради политички калкулации; во реалноста, нема консензус меѓу земјите членки за крајната цел – членството. Пристапниот процес често е заложник на индивидуални вета што немаат врска со критериумите. Накратко, проширувањето се претвори во политичка игра и глума без никаков кредибилитет. 

Полнолетното „бебе“ 

Да го разгледаме случајот на Северна Македонија, најстарата земја кандидат за членство (од 2005) во регионот. Бебе родено во 2001 година, кога започна процесот, ќе станеше полнолетно во 2019, кога ЕУ кажа дека преговорите конечно ќе започнат. Причината за сето ова изгубено време е спорот со Грција околу името на земјата. Овој наизглед нерешлив проблем конечно беше решен во 2018 година, со Преспанскиот договор, нашироко истакнат како модел за регионот, како ретка победа на дипломатијата. Европските лидери го поздравија договорот и ветија почеток на пристапните преговори. За жал, тие уште не се започнати. Политичката одлука беше донесена во 2020, но македонските граѓани уште го немаат ни почнато своето долго патување. Тие сега се блокирани од соседна Бугарија, која тврди дека етничките Македонци се резултат на "етнички и лингвистички инженеринг” за време на Титова поранешна Југославија.  

Во овој пресвртен момент за континентот, ЕУ мора повторно да ја види големата слика, да делува стратешки и да го третира проширувањето сериозно. Ако сака да биде праведна кон Украинците кои се борат и гинат за да можат да бидат рамноправен член на европското семејство, ако сака вистински да ги задржи земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат и да ги затвори џебовите на нестабилност што можат да бидат потпалени од Кремљ, ако сака да избегне неуспешни наративи и натамошни разочарувања, ако сака да им покаже на Грузија и на Молдавија дека проширувањето може да биде успешно – тогаш мора итно да создаде кредибилен и остварлив процес на интеграција базиран на реформски достигнувања и навремен поттик. 

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема