Украинските бунтовници убедени во својот легитимитет
4 ноември 2014Резултатите од изборите во источна Украина беа целосно познати во понеделникот, и тие го потврдија она што се очекуваше- дека бунтовничкиот лидер на ткн. Народна република Доњецк, Александер Закарченко ќе однесе убедлива победа. Водството на бунтовниците не е воопшто загрижено поради тоа што мнозинството земји, со исклучок на Русија, не го признаваат гласањето.
Роман Лиагин, претседател на бунтовничката изборна комисија, ги отфрла негативните меѓународни реакции од гласањето, тврдејќи дека гласањето било демократско.
„Особено сме разочарани од украинската влада“, вели Лиагин за ДВ. „Разочарани сме од нив бидејќи тие ја претставуваат меѓународната заедница. Но, нивното место е во канта за ѓувре, не во политиката. Затоа, верувајте, не сме заинтересирани за реакцијата на меѓународната заедница“.
Киев се игнорира
Неделните избори ја засилија позицијата на бунтовниците, како и нивната одлучност. Тоа е уште еден чекор на патот кон формирање сопствена мини-држава, со постепеното дисциплинирање и структурирање на бунтовничката „влада“. Апелите на украинската влада за почитување на суверенитетот на нивната територија се игнорираат.
„Киев се помирува со идејата дека Донбас не е дел од Украина“, вели Лиагин. „Дали ќе ги признаат резултатите од гласањето или не, тоа е проблем на Киев“.
Захарченко дава посмирени изјави, вели дека е подготвен за дијалог со секој кој сака да разговара со нив. Но никој не разговара со никого, во моментов. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за недостаток на дипломатски напредок и прекршувања на мировниот договор од Минск. Шансите дека наскоро ќе има дијалог се мали. Бунтовниците знаат дека се во предност, особено поради поддршката од Москва.
Во раководството на бунтовниците се убедени и во поддршката од локалното население. Кога во неделата беа отворени вратите на гласачките места во едно локално училиште, маса народ чекаше пред влезот. Мнозинството беа постари луѓе, кај кои проработе и носталгијата за Советскиот сојуз.
Кој сака може да гласа
Немаше официјални гласачки листи. Луѓето можеа едноставно да се појават и да покажат пасош за да гласаат. Можеше да се гласа и онлајн, или преку пошта, што доведе до тоа гласачкиот процес да се одвива без никаква контрола. Изборните власти на бунтовниците тврдат дека повеќе од еден милиони луѓе излегле на гласање на над 300 гласачки места, а целиот процес бил набљудуван од, досега непознатата организација, АСЦЕ. И покрај критиките кон кампањата на бунтовниците однадвор, гласачите во Доњецк и околината велат дека имаат верба во процесот.
„Ние не се согласуваме со политиката во Киев. Луѓето од Донбас се против таа политика. Затоа сакаме да се слушне нашиот глас. Овие избори многу ни значат. Ќе го подобрат нашиот статус и самодовербата“, вели Јури Колјавкин, набљудувач на едно гласачко место. Ваквото мислење го делат и многу луѓе на улиците. „На Доњецк му беа потребни овие избори затоа што ни е потребна таква моќ со која ќе можеме да се претставиме на меѓународната сцена“, вели еден минувач.
Но, од друга страна, половината од градските жители се отсутни. Многу локални жители избегаа и никогаш не се вратија. Некои тврдат дека токму тие луѓе не ги поддржуваат бунтовниците. Захарченко во меѓувреме положи заклетва како нов претседател на ткн. Доњецка народна република. Ваквите гестови не влијаат многу врз динамиката на тековниот конфликт, но испраќаат јасна порака во однос на легитимноста на бунтовничките лидери, кои тие веруваат дека ја добиле.