1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улици и за деца - келнски летни медитации

24 јуни 2019

Има градови во кои се чувствувам толку угодно, што заборавам дека не сум се родила во нив. Таков е Келн. „Многу е убаво овде. Овде има улици и за деца”, извика мојата малечка гостинка од Македонија. Колумна на Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3Kyoy
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Сакам да живеам во Келн. Многу е убаво овде. Овде има улици и за деца”, извика вчера мојата малечка гостинка од Македонија, додека неа и сестра ѝ ги водев по улиците во нашиот кварт. Помалата од двете сестри со тоа сакаше да каже дека е восхитена што има град, во кој на тротоарите можат да возат тротинет  и деца. Како неа, седумгодишната скопјанка, за која мерата за улиците во градот досега беше центарот на Скопје, во кој живее. Во Скопје, рече таа, дете не смее да оди само по тротоарот. Уште помалку со тротинет.  Таму улиците не се за  деца. Скопските улици се опасни за деца.

„Келн е како Париз! Иако никогаш не сум била таму. Ама Париз мора да е како Келн, оти велат дека е многу убав. А Келн е убав”, рече со сериозен израз на лицето две години постарата сестра. Потоа двете застанаа,  го кренаа погледот од тротоарот и почнаа да се восхитуваат на градините пред старите градски куќи. „Еј, гледај, жолта, розова и сина куќа! Јас ја сакам жолата. А ти, која ја сакаш?”, ѝ довикна помалата на постарата. „Сината! Таа е мојата омилена боја“, одговори постарата. „Како тоа овде куќите се во толку убави бои?”, се сврте пак помалата кон мене. „Како да ги варосувале деца, нели?”, ѝ возвратив и објаснив дека сопствениците ги варосуваат фасадите во секакви бои. 

„Во ваков град сакам да живеам”

Навистина, во малечката улица со стара калдрма секоја од старите градски куќи е варосана во поинаква, светла боја. Шаренилото на фасадите одговара на шаренилото во малечките градини  пред влезовите. Таму има стари грмушки на рози, преполни со цветови, а во последните години има и бујни, бушави лаванди.  Куќите во овој дел од келнскиот кварт Линдентал се стари градски куќи од почетокот на дваесеттиот век. Ниту една не е повисока од три ката. И градините се често стари. Дури и кога нивните сопственици се нови, што се гледа од новата фасада. Во градините, сепак, остануваат сведоците за едно поинакво време, тоа од шеесеттите. Го препознавам по цвеќињата, кои не се веќе во мода. Како сините ириси, портокаловите кринови. Или здравецот, што го знаев од детството во Скопје, но го имав целосно заборавено. Во дворовите, крај кои катаден минувам во мојот келнски кварт, здогледувам често дрвја на мушмули и дуњи. Крај оградата на една градина, на тротоарот во лето лежат дури и дудинки. Во градините, во малите оази во тротоарите, може да се видат маслинови дрвја, палми и ловорови грмушки. Сите се некогашни туѓинци, доместицирани од благиот дух на Келн и меката клима на Рајнската област. Уште поубави се големите градини зад куќите во Келн. Тие се вистински рајски градини. Затоа што да се има градина во милионската метропола е најголемата среќа. Но тие се видливи само за соседите на сопствениците на куќите со градини. За пешаците тие остануваат невидливи, затоа што се затворени од сите четири страни со блокови од куќи. Келн е најмедитеранскиот германски град, барем јас го доживувам така. Келн е Југот на Западот.

Stadtgarten Köln
Штатгартен во КелнФотографија: Imago/Joko

Кога стигнавме во дворот на старата романичка црква Св.Стефан, градена уште во деветтиот век,  сестричките се одушевија од глетката. Малечката црква е одлично одржана, а служи и денес како омилена црква за романтични венчавки. Кога влеговме во неа, двете се чудеа зошто велам дека е стара, кога ѕидовите се беловаросани, а не распаднати и трошни. Така тие си ги замислуваа старите градби, како трошни замоци. Во ближниот парк тие потоа уживаа во слободата на празните патеки. Само еден црн лабрадор љубопитно нѐ посматраше кога помина крај нас. „Во ваков град сакам да живеам”, извика повторно помалечката сестричка. „Со паркови и животни!” Претходниот ден таа и сестра ѝ беа во блискиот  животински парк, каде што видоа срни исмееја да ги хранат козите и овците. Животински парк, со ливади и шуми за срни, кози, овци, кокошки и патки, пони-коњи и магариња – среде најграѓанскиот келнски кварт, во прочуениот Штатвалд (Градска шума). Сосем близу до тој Tierpark се наоѓа куќата во која пред војната живеел Конрад Аденауер, тогаш градоначалник на градот Келн.

Познато ми е чувството на моите малечки гостинки во Келн. Тие се чувствуваа пријатно и тоа ги изговорија. Секако, вниманието со кое регистираа некои работи јасно говореше дека добро ги запаметиле поплаките на возрасните за животот на фамилиите со деца во строгиот центар на Скопје. Дека во центарот на Скопје речиси нема дрвја. Дека улиците се блокирани од безбројните возила, пракирани врз тротоарите. Дека се опасни за деца. И дека насекаде има ѓубре! Помалечката сестра во секоја нова улица констатираше со восхит дека таа била чиста, без ронка ѓубре. Кога дете од седум години забележува дека во улиците во Келн нема ѓубре, тоа значи дека нему му станало јасно колку ѓубре има по улиците во Скопје. Токму тоа е трагичното сознание за денешно Скопје. Кога и децата сфаќаат дека нешто не е во ред во секојдневието на нивниот роден град.

Небаре лебди и трепери врз Рајна...

Затоа девојчињата, восхитени, посакаа да живеат во Келн. Затоа што во квартот Линдентал, оддалечен од најстрогиот центар само 15 минути со трамвај, има спокојни улици со слободни тротоари, со стара калдрма, со убави градини и весели фасади. Ништо друго не може да им сугерира на децата чувство на радост и заштитеност од таквата слика на градските улици, која уште е и по мерата на децата. Кога, пак, децата во улиците нема каде да видат стара калдрма, како таа што ја имаше на плоштадот во Скопје кога јас бев дете, кога пред куќите нема повеќе градини, како што имаше на времето во Дебармаало, во Мичурин, во Маџирмаало и Кисела Вода, кога преку ноќ ги снемува парковите и дрворедите, како тие во центарот на Скопје, кога куќите немаат фасади кои ја брануваат фантазијата на децата... Тогаш тој град не е и по мерата на тие, кои, всушност, се иднината на градот – децата. А токму децата сите нешта ги доживуваат јасно и разговетно -  со детската интуиција. 

Други колумни од авторката:

За Преспанскиот договор, за името Македонија– една година подоцна

И уметниците како мене градовите ги доживуваваат интуитивно. Како ближни или туѓи. Тоа е особено така откако живеам надвор од Македонија. Има градови во кои се чувствувам толку угодно, што заборавам дека не сум се родила во нив. Таков град е Келн. Во него ми се случува да заборавам дека не сум отсекогаш овде. Го знам одамна, веќе триесет години. Ми стана близок во деведесеттите, кога Дојче Веле беше уште во Келн, а јас бев соработник на македонската редакција. Келн е отворен, прозрачен и лесен град. Небаре лебди и трепери врз Рајна. Вечен и миговен, недофатлив. Во него се чувствуваат слоевите на различните култури, вградени во неговата биографија. Тој се памети себеси како римска колонија, како што ги памети и сите туѓински власти. На нивната крутост Келн секогаш одговарал со шегата и  пародијата. Карневалот е келнскиот одговор на француската власт од времето на Наполеон. Келнјаните милуваат да раскажуваат дека  Хитлер дошол само еднаш и никогаш повеќе во Келн. Притоа, келнскиот градоначалник, адвокатот д-р Конрад Аденауер, одбил да се сретне со него. Се оправдал дека има неодложна обврска на друго место – на некоја карневалска прослава. Затоа кусо потоа бил осуден на домашен притвор, откако жена му била затворена од Гестапо, мачена да открие каде се крие мажот ѝ. Морала да признае, но чувството на вина  кусо потоа ја натерало да си го одземе животот. На тоа тажно време во нацистичка Германија мислев кога девојчињата ги здогледаа двете плочки од месинг вградени во бетонот од тротоарот. Двете учат германски, па постарата го разгатнуваше текстот на  плочките. „Камења на сопнување” ги нарече уметникот, кој во својот проект постави неколку стотици плочки со имиња на убиените Евреи во бетонот, пред влезовите во куќите  кои некогаш биле еврејски. Во квартот Линдентал пред војната живееле многу еврејски фамилии. Недалеку од местото на кое стоевме и ги читавме еврејските имиња во плочките, до војната бил и католичкиот кармелитски манастир во кој  некое време престојувала Еврејката, филозоф и калуѓерка, Едит Штајн, денес прогласена за светителка. Го сакам денешниот Келн и заради шаренилото на нациите, на културите кои живеат во него. Во групата од детската градинка на внука ми, има деца чии родители се од Романија, Шведска, Уганда, Канада, Русија, Грција, Перу, Колумбија. Но, кога децата гласно ги пеат келнските карневалски песни, тогаш се сите келнјани. Тоа, тогаш, за нив е најсилното чувство на припадност. Келн прави да сакаш да бидеш дел од него. Тој пленува и восхитува на непретенциозен, незабележлив начин. Тоа најбрзо го чувствуваат децата.

Flora Botanischer Garten Köln
Ботаничката градина во КелнФотографија: Imago/Joko
Altbau Häuser in der Wittgensteinstraße in Köln Lindenthal
Секоја од старите градски куќи во келнскиот кварт Линдентал е варосана во поинаква бојаФотографија: Imago/Future Image

Мирисот на липите

Овие денови квартот Линдентал целиот мириса на липи. Насекаде има липи. Како дрвореди, за сенка врз улиците, како зеленило, во дворовите и парковите. Квартот го добил името по липите - „Долина на липите”. Келн е град со раскошно зеленило. Зелените појаси го опкружуваат, но се простираат во вид на големи паркови и помеѓу квартовите. Клетенбергпарк, Бетовенпарк или големиот Штатвалд потсетуваат на Булоњската шума. Тие се простираат во и околу квартовите Клетенберг, Зилц, Линдентал, Браунсфелд и Мингерсдорф. Во мирисот на липите за мене во Келн е постојано присутна и сликата на Скопје кое го паметам од младоста. Онаа со липите на кејот на Вардар, со длабоката сенка врз клупите под нив, врз старата калдрма. Денес ниту Вардар не е истиот. Тоа Скопје ја брануваше нашата фантазија кога ние бевме деца во шеесеттите. Ова Скопје нема веќе паметење. Барем не во градбите и улиците во најстрогиот центар. Таму, каде што живеат моите малечки гостинки. Затоа тие веднаш се вљубија во Келн. И рекоа дека ќе дојдат да студираат во Келн. Во квартот Линдентал, во кој се наоѓа и келнскиот универзитет. Во долината на липите, со најсилниот јужен, медитерански  мирис.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.