Умео - најнепознатата европска културна престолнина досега
24 февруари 2014Шведскиот град Умео годинава е eвропска престолнина на културатa. На свеченоста, одржана на замрзната река на температура под минус 10 степени, преовладуваа нордиски елементи - оган, ирваси, музика и танци на народот Саами, домородно население на Лапонија. Специјално за оваа пригода допатува и шведската принцеза Викторија. „Културата е материјалот кој го поврзува нашето општество. Таа го поврзува минатото со сегашноста и со иднината.“, рече престолонаследничката на отворањето на свеченоста. Околу 55.000 гледачи беа воодушевени.
Под мото „Љубопитност и страст“, Умео до крајот на годината ќе понуди околу 300 културни манифестации. Првите веќе се одржаа на почетокот на февруари и посетеноста, и покрај студот, беше многу добра. Зимата тука трае од ноември до мај, бидејќи Умео се наоѓа на само 3 степени географска ширина под Арктичкиот круг. Необичен избор за европска престолнина на културата.
Фредрик Линдгрен, уметнички директор на манифестацијата е убеден дека го знае одговорот: зошто токму Умео: „Мислам дека жирито препозна оти Умео има страст за култура, вистинска страст. Градот во културата вложи 70 проценти повеќе од останатите шведски градови и сега тоа се исплатува.“
Како на пример јавно пристапниот парк Умедален. Во него во текот на целата година се изложени 33 скулптури на меѓународно признати уметници како што се Луиз Боржоа, Аниш Капур и Ентони Гормли. Изгледот на скулптурите се менува според годишното време.
„Во лето половина од скулптурите се покриени со зелени лисја, а в зима сѐ станува јасно видливо. Скулптурите се во интеракција со брезите.“, објаснува кураторот Стефан Андерсон
За стоплување омилено е кафулето ’Ња кондиторит‘. Овде со задоволство навраќал и писателот Стиг Ларсон. Авторот на светскот бестселер познат како „Милениумска трилогија“ во Умео живеел до својата 21. година. Тој почина во 2004. во Стокхолм. „Секој ден доаѓаше на кафе и пишуваше. Ова му беше едно од омилените места.“, раскажува туристичкиот водич Лин Арвидсон
Умео постојано расте. Просечата старост на жителите изнесува 38 години и тој е еден од најмладите европски градови. Причина за тоа е секако и тукашниот универзитет кој привлекува студенти од целиот свет.
„Многу луѓе, кои доаѓаат да студираат во Умео, остануваат тука бидејќи атмосферата е многу толерантна и отворена. Се чини дека на луѓето им се допаѓа тука.“, објаснува Лин Арвидсон.
Покровител на европската културна престолнина Умео е принцезата Викторија од Шведска. Во деновите на свеченото отворање, 1. и 2. февруари, 36-годишната принцеза со семејството често можеше да се види на улиците.
По 16 години, Шведска во 2014. повторно има европска престолнина на културата, а Умео е воедно и најсеверна досега.