Унгарецот Трочани ќе го замени Хан во Европската комисија
10 септември 2019Поранешниот унгарски министер за правда Ласло Трочани (на насловната фотографија) ќе го замени Јоханес Хан на чело на комесаријатот за проширување на ЕУ во следните пет години. Претседателката на ЕК, Фон Дер Лајен го предложи Трочани за функцијата која досега му припаѓаше на австрискиот политичар, кој пак, во иднина ќе биде задолжен за буџетот и администрацијата на ЕУ.
Трочани имаше жестоко испрашување во Европскиот парламент откако беше предложен од матичната земја за нов комесар. Тој се смета за близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан и за творец на новиот правосуден систем во земјата со кој беше ограничена моќта на судството. Како министер за правда, Трочани донесе серија закони кои ја донесоа Будимпешта во сериозен судир со Брисел, меѓу другите, и за криминализирање на невладините организации кои им помагаат на бегалците, како и за исфрлањето на Централниот Европски Универзитет од Будимпешта.
Вера Јурова од Чешка е именувана за комесар за вредности и транспарентност со задача да го контролира владеењето на правото. Јурова на ова место ќе го замени Холанѓанецот Франс Тимерманс, кој пак ќе го преземе портфолиото за борба против климатските промени. Новата претседателка на ЕК, Фон Дер Лајен го најави намалувањето на емисиите на јаглерод за нејзин клучен приоритет.
За конкурентноста во ЕУ и натаму ќе се грижи данската политичарка Маргрете Вестагер која во изминативе пет години веќе во повеќе наврати се судри со американските технолошки гиганти Гугл и Фејсбук.
Во владата на Фон Дер Лајен креиран е и нов директорат за одбранбена индустрија и вселена кој ќе биде под контрола на комесарката за внатрешниот пазар, Французинката Силви Гулар.
Задолжен за економијата во новата ЕК ќе биде поранешниот италијански премиер Паоло Џентилони, додека со трговијата ќе раководи Ирецот Фил Хоган. Пред Хоган ќе биде тешка задача, со оглед на тоа што во неговиот ресор ќе бидат преговорите за Брегзит и за трговскиот договор на ЕУ со САД.
Од претходно беше познато дека Шпанецот Жозеп Борел ќе ја наследи Федерика Могерини како прв дипломат на ЕУ. Дубравка Шуица од Хрватска ќе биде комесар за демократија и демографија, Гркот Маргаритис Шинас ќе раководи со ресорот „Европски начин на живот“, Летонецот Валдис Домбровскис со финансиските услуги, а со меѓуинституционалните односи Словакот Марош Сефчович.
Со секторот правда во новата ЕК ќе раководи Белгиецот Дидие Рајндерс, со здравството Стела Кирикиадес од Кипар, со енергијата Кадри Симсон од Естонија, а со иновациите и младите, Бугарката Марија Габриел.
За меѓународните партнерства ќе се грижи Јута Урпилаинен од Финска, за животната средина Виргинијус Синкевичиус од Литванија, за вработување Николас Шмит од Луксембург, за еднаквост Хелена Дали од Малта, за земјоделство Јануш Војчиховски од Полска, за транспорт Романката Рована Плумб, за кризен менаџмент Јанез Ленарчич од Словенија и за внатрешни работи Илва Јохансон од Шведска.
Новиот состав на Комисијата за првпат има речиси ист број мажи (14) и жени (13), согласно ветувањето на Фон Дер Лајен дека ќе се обиде да изгради полово рамноправен тим. Доколку Парламентот го одобри новиот состав, тој треба да започне со работа на 1 ноември годинава.