1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Случај Груевски“: Орбан стана трговец со луѓе

Кено Верзек
16 ноември 2018

Најпознатиот истражувачки портал во Унгарија тврди дека Груевски во Будимпешта пристигнал од Белград со авион на олигарх близок на премиерот Орбан. Можно е и неговиот Фејсбук статус од вторникот да бил мамка.

https://p.dw.com/p/38PwC
Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски со помош на унгарските власти преку Албанија, Црна Гора и Србија најверојатно илегално бил внесен во Унгарија. Со тоа, владата на Виктор Орбан станува се посомнителна дека во аферата со бегството на Груевски пружала помош со негово шверцување и илегално внесување во земјата.
Унгарски медиуми откриваат дека е можно Груевски да пристигнал во Унгарија во средата на 14 ноември, и тоа со приватен авион во сопственост на олигарх близок до Орбан
Со  тоа, унгарската влада не само што го прекршува актуелниот закон и правилникот за доделување азил, туку го крши и неодамна изменетиот Устав, којшто забранува доселување „на странски народи“. 
Поради сомнеж дека се сторени овие дела, независниот унгарски парламентарец Акос Хадази, вчера во Будимпешта поднесе пријава против непознат сторител. 
Унгарската влада попладнево се огласи со соопштение во кое тврди дека „не му помогнале на Груевски да ја напушти Македонија“. Но во изјавата, нема ниту збор за информациите дека унгарските дипломати активно му помагале во најмалку три други држави. Притоа, никој досега официјално не ја обвинуваше Будимпешта дека го извлекла Груевски од Македонија. 
Оттаму уште додаваат дека Груевски е „легално во Унгарија“. 
Унгарските власти, претходно, веќе потврдија дека Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во трета земја, и тоа најверојатно се случило во амбасадата во Тирана. Оттаму, тој отпатувал за Црна Гора и потоа се упатил кон Србија. Логистиката за целото патување била организирана од унгарски дипломати од амбасадите во овие три држави. 
Од Србија се уште нема одговор кога и како Груевски заминал за Унгарија, а српското МВР одбива да одговори на веќе две барања за информации од Дојче веле. 

Фејсбук статусот на Груевски можеби бил мамка
Самиот Груевски преку својот Фејсбук профил во вторникот на 13 ноември потврди дека пристигнал во Унгарија. Но, според информациите на најпознатиот унгарски  истражувачки портал Атлацо, можно е Груевски да пристигнал во Унгарија дури во средата на 14 ноември, и тоа со приватен авион од типот Бомбардие 6000 со регистерски ознаки ОЕ-ЛЕМ, кој е во сопственост на олигархот Иштван Гаранчи  близок до Орбан. Ова летало, кое често го користи и самиот Орбан, откако три недели не полетало од аеродромот во Виена, каде е стационирано, во средата на 14 ноември најпрво пристигнало во Будимпешта, па оттаму продолжило за Белград, од каде набрзо се вратило повторно во унгарскиот главен град. 
Истражувачкиот портал смета дека со овој лет Груевски бил донесен директно во Будимпешта. Фејсбук статусот на Груевски од вторникот е можно да бил обид за замачкување на трагите, тврдат тие. 
Унгарските власти во меѓувреме отфрлаат дека биле директно ангажирани во логистиката за Груевски, иако податоците кои ги објавија и албанските и црногорските власти, го говорат спротивното. И македонскиот премиер Зоран Заев денеска потврди дека Груевски бил превезуван со унгарско дипломатско возило. 
Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач денеска одби да ги коментира тврдењата на црногорските власти на барање на Дојче веле. 
Шверцери во Будимпешта
Во дел од независните унгарски медиуми, информациите за доаѓањето на Груевски се коментираат со вџашеност. Порталот 444.ху кој е критичен кон владата пишува дека одамна се знае оти владата свесно шири лажни информации во однос на миграцијата. „Но никој не очекуваше дека една влада, која го прогласи прогонот на бегалците за владина програма, сега ќе стане шверцер на луѓе и дека свесно ќе ги заобиколува сопствените закони за да пренесе еден осуден криминалец на унгарска територија“. Овој случај е особено сериозен затоа што покажува дека власта не им придава никакво значење на законите. 
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на ваквите коментари само одмавнува со рацете. Кога во четвртокот унгарските новинари го прашаа за случајот Груевски, тој само кусо им одговори да се обратат кај правници. 
 

America West Express Bombardier CRJ 900
Груевски, наводно, бил пренесен од Белград во Будимпешта со приватен авион од типот Бомбардие 9000, кој вреди 53 милиони евра. Архивска фотографијаФотографија: AP Graphics