1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарските власти го прифатиле барањето за азил на Груевски

БГ
20 ноември 2018

Груевски пред надлежните во Унгарија тврдел дека животот му е загрозен и дека е цел на политички прогон. Тврдел дека му било нудено одложување на извршување на казната во замена за гласање за уставните измени

https://p.dw.com/p/38bJo
Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Унгарските власти не само што нема да го екстрадираат експремиерот Никола Груевски назад во Македонија, туку во одлуката која ја донела Службата за азил и миграции се наведува дека тој не смее да биде вратен ниту во земјите од каде што пристигнал во земјата: Црна Гора и Србија. Иако се работи за трети земји со сигурно потекло, сепак животот на Груевски и таму би бил во опасност. 

Груевски попладнево, повторно преку својот Фејсбук профил, потврди дека добил азил во Унгарија. Она што Груевски го пишува во статусот речиси целосно се поклопува со образложението кое унгарските власти го даваат за прифаќање на неговото барање. 
Во долгото образложение кое го објавува унгарскиот весник „Маѓар Идок“ се прифаќаат сите поплаки кои Груевски ги изнел за третманот во Македонија, како за време на судските процеси против него, така и за опасноста која му се заканувала доколку заврши во затвор.

„Во последните недели Груевски добивал пораки дека го чекаат во затвор и дека таму ќе биде убиен“, го цитираат поранешниот премиер- унгарските власти.

Груевски на двапати бил сослушан од унгарските власти во врска со неговото барање за азил. Вториот пат тоа се случило на 14 ноември.

Според текстот од образложението, произлегува дека сите жалби на Груевски се прифатени како вистинити.

„Во случајот на Груевски, неправото и илегалноста се до толку големи што достигнуваат ниво на прогон“, заклучува унгарската Служба за азил и миграции.

Пасош за една употреба

Во текстот се потврдува целата рута на Груевски низ балканските земји пред да пристигне во Унгарија и се наведува дека тој легално, со лична карта патувал низ Албанија, Црна Гора и Србија.

Интересен момент е неговото запирање пред унгарската граница од страна на српските погранични служби. На преминот Хоргош, во пет часот наутро на 12 ноември, српските граничари од Груевски покрај лична карта побарале да покаже и друг патнички документ, со кој ќе може да влезе на територија на земја-членка на ЕУ. Груевски тогаш покажал документ кој му овозможи еднократно влегување во земјата, а кој му го издала унгарската амбасада во Тирана. Потоа му било дозволено да премине на унгарска територија.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Унгарските власти ги прифатиле образложенијата на Груевски дека „Владата во Скопје со недемократски средства и без докази сакала да му ја одземе слободата, дека целото обвинение за набавката на службениот Мерцедес било незаконско“, а како последна во редицата образложенија е цитирана и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација која оцени дека тој бил дискриминиран од судот во Македонија.

Груевски се жалел и дека не може да очекува правда од СЈО поради тоа што тоа „ужива голема меѓународна поддршка“. 

Пазар за гласови

Груевски тврди и дека му бил понуден пазар во замена за гласање за уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

На Груевски му било сугерирано „од официјални извори,  од братот на актуелниот премиер и од јавниот обвинител, дека доколку убеди пратеници да гласаат за уставните измени, тогаш ќе му се одложи почетокот на извршувањето на казната“. Тој го одбил тоа, и затоа не му било одобрено одложување на извршувањето.

Врз основа на прифатеното образложение како и врз основа на унгарските закони, Службата оценува дека „нема основа за одбивање на барањето на Груевски“.

Весникот „Маѓар Идок“ важи за близок до владата на Виктор Орбан и владејачката партија Фидеш. Објавувањето на доверливите материјали од сослушувањето на Груевски веројатно не било можно без директно одобрение од врвот на унгарската политика, вели за ДВ новинар кој ја познава состојбата во Унгарија. 
Во интервју за ДВ, шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто тврдеше дека Груевски сите граници на патот до Унгарија ги минал легално. 

*Текстот е сменет во 16:40 часот. Исфрлена е информацијата од претходната верзија дека претседателот Иванов му нудел амнестија на Груевски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема