УНИЦЕФ соопштува: катастрофална состојба на децата Роми во Европа
6 март 2007акусо: ситуацијата е катастрофална. Посебно се погодени децата. За нивната судбина станува збор во два извештаја на УНИЦЕФ претставени вчера во Берлин:
„Децата Роми во Европа – меѓу интеграција и изолација„ беше насловот на средбата во Берлин. Наслов кој звучи скоро оптимистички со оглед на стварноста. Зашто за интеграција и не може да се зборува ако се погледаат резултатите од студиите. Според нив, стотици илјади живеат изолирани во гета и сламови, најчесто на маргините на градовите. Две третини немаат ниту тоалети, ниту купатила. Подеднаков е бројот на оние што немаат доволно храна, ниту пари за лекар. Колкав е бројот погодени деца не знае ниту Гордон Александер од регионалното биро на УНИЦЕФ за источна Европа:
„Ако овие деца не се појавуваат во ниту една официјална статистика, тогаш немаат ни пристап до каква и да е институција. Мораме да констатираме дека не знаеме доволно за децата со кои имаме работа„.
Подобри услови за образование на децата Роми е само една цел, вели претседателката на „УНИЦЕФ – Германија„ Хајде Симонис:
„Мора да дејствуваме и врз тоа да се спречат експлоатацијата и насилството против децата. Сакаме да дејствуваме и врз тоа, да се засили политичката волја што ќе ја унапреди интеграцијата на Ромите„.
Се проценува дека во Германија живеат околу 70 илјади Синти и Роми со германски пасош. Згора на тоа и околу 50 илјади бегалци од поранешна Југославија. Тие се толерираат и во секој момент мораат да сметаат на протерување. Меѓу нив и многу деца родени во Германија. Нивните родители во поранешните татковини минале низ пекол, известува Рајнхард Шлагинтвјат од УНИЦЕФ Германија:
„Цели села се запалени. Стотици илјади Роми се протерани, ги загубиле работните места. Ромите се присилени да живеат во сламови и така е до денес„.
Никој не се ангажира за судбината на Ромите, посебно за децата. Претседателот на комисијата за деца од германскиот парламент, Марлене Рупрехт вели дека во тоа нешто мора да се промени:
„Мислам дека тоа во комисијата мора да биде прифатено. Значи ние да станеме гласноговорници за децата Синти и Роми. Барем така ќе добијат свој глас„.