Фон дер Лајен на разговори за евроинтеграцијата на Украина
11 јуни 2022Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вели дека заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ги разгледаат „заедничките напори кои треба да се преземат за обнова и напредок на Украина на нејзиниот европски пат“. Разговорите со Зеленски и со украинскиот премиер Денис Шмигал „ќе влезат во нашата оценка која наскоро ќе ја дадеме“, изјави Фон дер Лајен.
Европската комисија најверојатно наредната недела, пред самитот на ЕУ на 23 и 24 јуни, ќе даде оценка дали на Украина да ѝ се даде статус на кандидат за зачленување во Унијата или не.
Украина на почетокот на март, неколку дена по почетокот на руската инвазија, поднесе барање за членство во ЕУ.Повеќе ЕУ-држави, особено од источна Европа, го поддржуваат барањето на Украина. Некои земји, како Холандија, Данска и Франција, се скептични. Околу ова прашање досега е воздржан и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Ова е втор посета на Фон дер Лајен на Украина од почетокот на војната. Во текот на нејзината претходна посета, на почетокот на април, таа на Киев му претскажа „европска иднина“.
- повеќе: Европскиот парламент поддржува брз прием на Украина
Зеленски вчера (10.06) повторно апелираше до земјите од ЕУ да ѝ го отворат патот на неговата земја кон Унијата. ЕУ има можност да докаже дека „зборовите за членство на украинскиот народ во европската фамилија не се изговорени во ветер“, рече тој во видео обраќањето на самитот за демократија во Копенхаген.