1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени: Почнува последното пребројување

8 јануари 2019

До последен момент ќе трае обезбедувањето и потврдувањето на двотретинско мнозинство за уставни измени. Противниците на Договорот од Преспа за утре најавуваат сенароден митинг пред парламентот.

https://p.dw.com/p/3BAkD
Mazedonien Parlament
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Еден ден пред утрешната седница на парламентот (напладне 9-ти јануари), течат последните подготовки за обезбедување и потврдување на двотретинското мнозинство неопходно за успешно завршување на последната фаза од процесот на уставни измени предвидени со Договорот од Преспа. Гласовите на 80-те пратеници со кои на 19-ти октомври се отвори тој процес, во меѓувреме не останаа стабилна бројка. Прашањето за стабилноста на мнозинството го наметнаа партиите Беса и Алијанса за Албанците, кои имаат свои барања во амандманскиот пакет, а успехот на гласањето зависи и од нивните четири пратеници. 

Беса има три амандмани на Уставот и еден на Уставниот закон, за да се прецизира дека државата не е моноетничка. Бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, а во делот кој се однесува за државјанство наместо решението „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“ да стои само „граѓани на Република Северна Македонија“. Од Беса бараат и да се наведат сите етнички заедници како дел од македонската дијаспора, како и да се интервенира во Уставот, со цел секој закон што ќе биде изгласан по втор автоматски да стапи на сила, без указ од претседателот на државата. Доколку не се најде решение, од албанската опозиција најавија дека нема да гласаат за уставните измени.

Последни разговори

За независната група од осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кои во првата фаза помогнаа да се обезбеди двортретинско мнозинство, нема ништо спорно ако се наведат етничките заедници во делот на дијаспората. Но, во однос на решението кај државјанството, дел од нив велат дека нема да гласаат ако власта прифати да се избрише зборот „македонско“, бидејќи тоа е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Зијадин СелаФотографија: DW/P. Stojanovski

За содржината и причините за тие барања, можно е премиерот Заев денеска да разговара со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Села попладнево во парламентот ќе има средба со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО со Македонија, Зоран Јанковиќ.

За посочените барања, Заев на 4-ти јануари за истото веќе разговараше со лидерот на Беса, Билал Касами, кога било договорено најдоцна до денес (8.1) да се одржи уште еден состанок на работна група во чиј состав ќе биде претставник од Кабинетот на премиерот, и претставници од Беса, со цел детално да се разгледаат предлозите и да се дефинираат конечните позиции. Се очекува во работната група од страна на Беса да учествуваат пратеникот Фадил Зендели и партиските функционери Кастриот Реџепи и Аријанит Хоџа.

Меѓу оптимизам и претпазливост

Засега околу двотретинското мнозинство има разни шпекулации. Од една страна, извори во власта велат дека тоа е обезбедено и оти партиите на Албанците не би си дозволиле тие да бидат причина Македонија да остане надвор од НАТО и подалеку од ЕУ. Други, пак, сметаат дека докрај ќе биде неизвесно, но сепак веруваат во успешна звршница. Извори во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во нивната пратеничка група имало плус пратеници кои се уверени дека уставните измени треба да добијат поддршка. Но, со најавата на раководството дека партијата нема да учествува и присуствува на тој процес во парламентот, Мицкоски овојпат обезбедил начин да ги држи пратениците подалеку од пленарната сала, за да не се случи некои да останат и да гласаат, како што тоа се случи на 19 -ти октомври, по што следеше нивно исклучување од партијата. 

Повеќе:

-Скопје и Атина влегуваат во финишот за „Преспа“

-2018-та - македонскиот испит на зрелоста

-Владата пред три жешки искушенија

И покрај разните амандмански барања и неизвесности, премиерот Заев на 3-ти јануари изрази оптимизам дека процесот ќе заврши со успех.

„Со најавеното неприсуство на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно дебатата ќе трае 2-3 дена. Чинот на гласање ќе биде резултат на самата дебата, резултат на задоволството на оние пратеници кои доставија амандмани, и резултат на севкупната верба дека овој процес треба да го обезбедиме. Јас само ќе кажам дека до последен момент ќе сториме се за да обезбедиме двотретинско мнозинство. Тоа ќе и го соопштиме на јавноста по моментот на гласањето. Или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато, или ќе ја понесеме одговорноста.  Но, уште еднаш напомнувам дека јас сум оптимист, пред сè, поради одговорноста, која ја чувствуваат пратениците, но и извршната власт на Република Македонија, дека овој процес имаме шанси успешно да го завршиме“, рече премиерот, најавувајќи дека средбите и разговорите на таа тема ќе ги продолжи и за време на божикните празници.

Mazedonien Referendum Umbenennung Namensstreit
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Nimani

Противниците на Договорот од Преспа ги повикуваат пратениците да не гласаат за уставните измени, а охрабрување за тоа ќе им дадат пред зградата на Собранието.  Движењето „Македонија блокира“ денеска на прес-конференција ќе ги објави деталите за најавениот „сенароден митинг“, кој ќе се одржи утре пред параламентот.

Маркел во Атина

Утрешната седница во македонскиот парламент е главна тема и во сите грчки медиуми. Тие објавуваат дека е можно веќе до петок, 11-ти јануари, да се знае исходот од гласањето во Собранието, дури и со поголемо мнозинство од 80 пратеници. Дел од нив посочуваат и на можна институционална опструкција од страна на претседателот Ѓорге Иванов, но сметаат дека најдоцна до 15 јануари процесот ќе биде заокружен, по што топката ќе се префрли на грчки терен. Во тој констекст ја толкуваат и посетата на германската канцеларка Ангела Маркел на Атина, на 10-ти  и 11-ти јануари, односно како „сигурност дека Договорот од Преспа ќе биде одобрен од македонска страна“.