1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот суд дозволи помилување за изборен криминал

Б. Георгиевски16 март 2016

Со мнозинство гласови Уставниот суд денеска го изгласа укинувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Одлуката донесена на затворена седница.

https://p.dw.com/p/1IE12
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според очекувањата, мнозинството судии во Уставниот суд препладнево одлучија да ги укинат измените во Законот за помилување од 2009 година и на тој начин повторно да овозможат помилување на лица кои, меѓудругото, се обвинети за изборен криминал.

Одлуката ќе стапи во сила по објавувањето во Службен весник на РМ. Судот соопшти дека одлуката и образложението за неа ќе бидат објавени на интернет-страницата на Уставниот суд.

Претходно Судот одлучи да заседава на затворена седница, исклучувајќи ја на тој начин јавноста од својата работа. Новинарите побараа писмена одлука и образложение зошто седница на Судот е затворена за јавноста, но не добија одговор. Досегашната пракса беше седниците на Судот да бидат отворени за јавност.

На одлуката на Судот реагираше и Амбасадата на САД во Скопје. „Зошто Уставниот суд ја затвори денешната седница? Транспарентноста е клучна за секоја институција“, се огласи амбасадата преку својот Твитер профил.

На донесувањето на одлуката и претходеа протести на граѓанските организации поддржани од опозициските партии, како и контра-протести на приврзениците на власта организирани од партијата Гром.
Утрово пред Судот пристигнаа бројни „контра-протестанти“ од повеќе делови на Македонија кои тврдеа дека се таму за да го бранат „уставниот поредок“.

Со законските измени кои беа донесени во 2009 година на претседателот на државата му беше одземена можноста да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности, педофили, како и лица осудени за дела против човечноста. Претседателот Ѓорге Иванов досега не се изјасни дали ќе ја искористи можноста која сега му ја дава Уставниот суд и ќе ги помилува осомничените високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и уште пет други лица. Сите се товарат за вмешаност во изборни нерегуларности.