„Факултетските дипломи-масовна стока на Балканот“
26 декември 2014„Неодамна критичарите на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, пред неговото службено седиште во Белград организираа ’хепенинг’. Само силните полициски сили спречија демонстрантите да му врачат десет фантомски дипломи. Со тоа тие сакаа да укажат на спорната титула магистер на шефот на нивната држава“, пишува во своето онлајн издание „Мителбајерише цајтунг“. Весникот со тоа се осврнува на спорниот магистерски труд на шефот на српската државата, за што известуваа медиумите во Србија, наведувајќи дека факултетот на кој ја стекнал дипломата за менаџер всушност немал ни право да доделува такви академски титули. Никој не го видел Николиќ на спорните студии, а на денот на наводниот испит, односно одбрана на трудот, пред седум години Николиќ бил на партиска манифестација.
„Мителбајерише цајтунг“ пишува дека на мета на критики летоска се најде и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, но и градоначалникот на Белград, Синиша Мали, како и неговиот колега од Нови Сад, Александар Шапиќ. Весникот појаснува: „Реномирани научници од земјата и странство детално докажаа оти тројцата политичари во своите дисертации препишале многу делови. И не само тие. Весникот ’Новости’ пишуваше за ’хипер-продукција на докторанти’ откако е откриено и констатирано десеткратно зголемување на докторските студии во изминатите седум години.“
Дипломи плаќани со крави, овци и дрва
Во продолжение на текстот „Академските титули се масовна стока на Балканот“, „Мителбајерише цајтунг“ се осврнува и на случаите во останатите земји во регионот.
„Албанија минатиот август затвори повеќе факултети и универзитети кои продавале дипломи. ’Некои студенти своите дипломи ги плаќале со крави, овци, ориз, па дури и огревно дрво’“, ја опишува ситиацијата премиерот Еди Рама. Многу факултети таму нудат дипломи за странци, иако воопшто не постои настава на странски јазик. Се чини, финансиската привлечност за бројни факултети во балканските држави со нивната економија стигната до дното, била голема. Корупцијата е распространета во многу области на животот, па науката тука не е никаков исклучок.“
„Мителбајерише цајтунг“ се осврнува и на скандалите на оваа тема во Босна и Херцеговина, наведувајќи: „Во БиХ бившиот шеф на државата Ејуп Ганиќ за кеш на својот приватен факултет нуди забрзани студии за филмски режисери, како што дознала ’Слободна Босна’. Само во жупанијата Централна Босна со помалку од 300.000 жители наводно постои поголем број факултети на кои академски титули се стекнуваат додека да се свртиш“.
Весникот констатира-факултетската зграда на лаги е уште повисока, па српскиот министер за образование на домашните студенти им препорача подобро да одат во странство ако сакаат вистинска докторска диплома.
„Но, бидејќи во оваа измама е вплеткана цела чета познати луѓе од политиката, стопанството и јавниот живот, не се случува ништо ни откако недвосмиселно ќе биде докажан плагијат. Напротив, по правило на факултетите не се ни почнува процес за интерно откривање на измамата“, заклучува „Мителбајерише цајтунг“.
Парадоксален однос меѓу Белград и Москва
Австрискиот „Вирчафтсблат“ пишува исто така за Србија, но во друг контекст. Тој потсетува на српското преземање на претседавачкото место со ОБСЕ од први јануари, со Организацијатаза европска безбедност и соработка. Притоа, главна тема ќе биде конфликтот во Украина, како што тоа оваа недела во Киев го најави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. Весникот ја наведува изјавата на Дачиќ: „...наместо оружје, предност треба да има политичкиот процес“, но истовремено потсетувајќи на „парадоксалниот однос меѓу Белград и Москва со оглед на украинскиот конфликт: „Од една страна Србија секогаш се изјаснува против санкции кон Русија. Од другастрана, Русија ја поддржува Србија секогаш кога е во прашање независноста на Косово, што двете држави ја одбиваат“.
Весникот потсетува и на претстојното продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина во февруари.
„На првиот состанок на Александар Вучиќ и новиот косовски премиер Иса Мустафа ќе присуствуваат и досегашните преговарачи, бившите премиери и сегашни министри за надворешни работи, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи“. Весникот „Вирчафтсблат“ истакнува-нормализацијата на односите меѓу овие две држави важи за услов за членство на Србија во ЕУ.